Пред утрешниот штрајк, првиот човекна СОНК Јаким Неделков повторно упати апел до сите вклучени во образовниот процес да бидат истрајни и да не се откажуваат од барањата, а тоа се зголемување на платите во образованието за 18,4 отсто

-Причините за штрајкот се општо познати, сакам да кажам дека за жал во овој изминат период скоро еден месец, во кој имавме интензивни контакти со надлежните Министерства, па и вклучување на претставници на Владата, како премиерот, вицепремиерот и министерот за финансии, до денеска немаме позитивни резултати во однос на нашите барања. Со оглед на тоа дека одлуката е донесена во согласност со голем број наши членови, неминовно е штрајкот да започне утре, како што беше најавено, изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков на денешната пресконференција во пресрет на утрешниот штрајк.

Иако генералниот штрајк во градинките и училиштата започнува утре, Неделков истакна дека се надева оти претставници на Владата наскоро ќе ги повикаат на разговори за време на кои ќе се изнајде решение за зголемување на платите во образованието.

Во врска со штрајкот, Неделков порача дека сите штрајкувачи од утре ќе бидат во посебни простории во училиштата и градинките и нема да ја извршуваат својата воспитно-згрижувачка дејност. Тој истакна и дека согласно законот никој нема право да ги присилува наставниците и воспитувачите кои штрајкуваат да се вратат на работа.