Во Владата немаат најави ниту за оваа недела – кога ќе пристигнат авганистанските бегалци за кои земјава даде дозвола за престој. Од таму велат дека досега не добиле известување – кога може да се очекува авионот со бегалци да слета на скопскиот аеродром, иако рокот за евакуација од Авганистан истекува утре.

Advertisements

Состојбата е непроменета, се чекаат нови информации од Кабул и сите опции се можни… Нивното пристигнување зависи од безбедносните услови за организирање на летовите за евакуација -велат од Владата.

Владата презеде обврска времено од 90 дена да овозможи престој на граѓани од Авганистан, и нивните семејства вработени во хуманитарни, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организации за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти.

Во меѓувреме, во другите земји од регионот веќе пристигнаа евакуираните граѓани од Авганистан. Утринава на аеродромот во Тирана пристигнаа уште 150 авганистанци кои полетаа од Абу Даби. За четири дена во Албанија се евакуирани вкупно 607 граѓани на Авганистан. Албанија ќе прими до 4.000 Авганистанци. На приштинскиот аеродром, пак, вчеравечер пристигнаа 111 авганистанци, претежно жени и деца. Косово обезбедува привремен престој на 2.000 граѓани на Авганистан.

Пред многу години ние бевме жртви на геноцид и бевме принудени да бегаме. Затоа, како што често велам, ние многу добро ја знаеме нивната болка. Ние сакаме да ги натераме сите, не само да се чувствуваат добредојдено, туку и безбедно после хоророт низ кој тие поминаа. Но, во исто време, ние сме горди што се придружуваме на другите сојузници на НАТО, особено на Соединетите Американски Држави и тоа е исклучително важно – изјави Вјоса Османи, претседателка на Косово.

Деновиве и во Хрватска пристигнаа Авганистанци. На аеродромот во Загреб слетаа 19 лица, а 10 од нив се малолетни. Хрватска одлучи да прифати 20 граѓани на Авганистан.

Игор Стефановски