Целосно дигитализирање на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, воспоставување на електронски систем за инспекцијата, Е-ИНСПЕКТОР, дигитализирање на книгите што ги води Управата за водење на матични книги, се дел од мерките кои Владата ги усвои согласно Планот за борба против корупцијата.

Овој план има за цел целосно да ја спречи корупцијата во државата. Една од мерките е и целосно дигитализирање на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.  Дигитализација треба да го забрза процесот на решавање на предметите.

Дигитализацијата и екипираноста на истражните центри треба го забрзат процесот на решавање на предметите.

-Нема повеќе чување предмети по фиоки. Секој правосудски предмет мора да има брза разрешница. Започнува автоматизирање на поврзаноста и протокот на документи потребни за брзи постапки по предмети со препознаена корупција. Тоа ќе се случува преку усогласување на законите за дигитализација, изјави премиерот Зоран Заев.

Како што информира, ќе се воспостави и електронски систем за инспекцијата, Е-ИНСПЕКТОР кој овозможува електронско поврзување и работење на сите 28 инспекциски служби под јурисдикција на инспекцискиот совет.

Со овој систем, според премиерот, значително се елиминираат човечкиот фактор и субјективниот пристап во водењето на предметите.  Исто така, се воведува целосно дигитализирање на книгите што ги води Управата за водење на матични книги.

Заев посочи дека граѓаните ќе можат електронски, не само да аплицираат туку на истиот начин да ги добијат изводите. Наскоро, најави тој, следува и укинување на вадењето изводи.

-Го усовршуваме функционирањето на системот на укажувачи за да го извечеме максимално сето она што е законска можност преку јасен протокол за да ги заштитиме укажувачите. Сите институции мора да назначат овластено лице за прием на пријави доставени заради заштитени внатрешно пријавување за постоење на евентуална корупција. На овој начин ја подигаме свеста кај граѓаните и охрабруваме да пријавуваат случаи на коруптивно дејствување, рече Заев.

Тој додаде дека ќе се води интензивна и одговорна јавна комуникација за да обезбедат учество на граѓаните во ова заедничка борба.