Без присуство на пратениците од опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива во неделата пред полноќ со 62 гласа „за“ Собранието го донесе Буџетот за 2021 година. Изгласан е и Законот за извршување на Буџетот.
За расправата за најобемниот буџет досега, кој тежи четири милијарди евра, беа искористени максимално дозволените 15 дена, а дискусиите често се поместуваа и на други теми, како на пример односите со Бугарија. Кога се насочуваа на темата пратениците од владејачката коалиција го бранеа овој документ тврдејќи дека предвидените пари ќе дадат најдобар ефект и резултати, со фокус на здравјето. Пратениците од опозицијата, пак, останаа на ставот дека Буџетот за 2021 година е неразвоен, не е насочен кон граѓаните и во него се предвидени стотици милиони без да каже за што ќе се потрошат.
Со усвоениот Буџет, кој е дополнет со 18 амандмани наредната година треба да се соберат за 8,3 проценти повеќе пати од годинава, а да се потрошат за 2,1 отсто помалку во однос на вториот Ребаланс годинава. Или, вкупните приходи треба да изнесуваат 212,6 милијарди денари, а расходите 247,5 милијарди денари, со што дефицитот би изнесувал 34,9 милијарди денари.
За министерот за финансии Фатмир Бесими овој Буџет е реален, ги лоцира приоритетите и ги алоцира средствата на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.
–И покрај присутните ризици поврзани со здравствената криза, а земајќи ги предвид досега реализираните четири пакети на економски мерки, со проекциите во Буџетот за 2021 година се очекува да се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија, истакна Бесими во обраќањето пред пратениците.
Капиталните расходи со буџетот се планирани на ниво од околу 24 милијарди денари или за 26,2 повеќе во однос на планот за 2020 година. Најавени се заеми со кои ќе се интензивира изградбата на патната, железничката, енергетската и комуналната инфраструктура, а предвидени се и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството… Ново е тоа што за да се поттикнат инвестициите се воведува систем на казнување и наградување на корисниците, односно префрлање на средствата од послабо кон подобро реализираните проекти. Буџетските корисници се задолжени со завршување на првото тримесечје да реализираат најмалку 15 отсто од проектираните капитални расходи, во второто најмалку 40 отсто, а во третото најмалку 65 проценти.
За тековни расходи се планирани 223,5 милијарди денари или 4,4 отсто помалку од планираните за годинава, а се наменети за редовна исплата на плати, пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, на иновативните активности, како и поддршка на здравствениот сектор.
Во услови на очекувано закрепнување на инвестициите, потрошувачката и надворешната побарувачка, буџетот е креиран на очекуван економски раст од 4,1 отсто. Сепак, ако пандемијата продолжи, како што најавуваат креаторите на буџетот, бројките ќе се ревидираат.
Ваков буџет според опозицијата нема да донесе подобро здравство, пофункционално образование, изградба на патишта и железници и реализација на проекти со кои ќе се поттикне економскиот раст, а ќе продолжат и задолжувањата и непродуктивните трошоци.
-Заев одвојува дури 641 милион евра за други трансфери, а никој не знае каде одат овие пари. Само за споредба со 50 милиони евра се прави болница како Клиничкиот центар во Штип, тоа се 12 Клинички. 641 милион евра се и два автопати. 641 милион евра се пари кои можеа да се потрошат за подобра иднина, но спротивно од тоа ќе бидат потрошени на работи за кои никој никогаш нема да знае, реагираше вчера ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата нотира и дека ваквото расипништво на Владата ќе биде проследено со ново задолжување со 1,6 милијарди евра за период од две години.
(С.В.)