Уставниот суд на Албанија го суспендираше законот за студентите по медицина, со кој се обврзани да работат пет години во земјата по завршувањето на студиите, по што би ги добиле дипломите, јави Топ чанел.

Суспензијата ќе биде во сила додека судот детално не го разгледа законот, по што ќе донесе конечна одлука дали законот ќе остане на сила или ќе се укине.

Според законот секој студент по медицина што не ја исполнил законската обврска, ќе требаше да плати такса од 240 илјади леки или околу 2.290 евра за секоја година на студирање. Ако една година студирање чини 2.290, за шест години студентите ќе требаше да платат по 13.740 евра.

Барање за испитување на уставноста на законот поднесоа група пратеници од опозицијата, предводени од Газменд Барди, кои ги поддржаа студентите, кои одржаа повеќе протести, а од почетокот на академската година ја бојкотираат наставата.

Протестот привремено го прекинаа и се вратија на настава кон крајот на минатиот месец, откако добија поддршка од ректорот на Универзитетот во Тирана, Арбен Тјата, кој ги посоветува да ја почекаат одлуката на судот.

И покрај претходното противење на студентите, кои беа поддржани и од граѓанскиот сектор, Парламентот законот го усвои на 21 јули, само со гласовите на владејачкото мнозинство.

Законот го потпиша претседателот Бајрам Бегај иако на средба со него побараа да него прави тоа.

Владата го образложи  донесувањето на законот со одливот на белите мантили, што услови недостиг на овој кадар во земјата.