Претседателот на Уставниот совет на Франција Лоран Фабиус го прогласи Емануел Макрон за претседател на Републиката, кој во неделата, во вториот круг од претседателските избори освои апсолутно мнозинство гласови, 58,55 отсто, јави дописникот на МИА..
– Уставниот совет спроведе пописни и контролни операции, посочи Лоран Фабиус, наведувајќи ги „неправилностите“ забележани на 48 избирачки места, поради што членовите на уставниот совет поништија 20.594 гласови, или 0,06 отсто од гласовите. Севкупно, се почитуваа правилата на изборниот процес, рече претседателот на Советот.
Од вкупно 48.752.339 регистрирани гласачи, гласале 35.096.478, што претставува стапка на вапстиненција од 28,01 отсто, втора највисока неизлезеност под Петтата република во вториот круг од претседателските избори. Уставниот совет преброи 2.333.904 празни ливчиња, со што бројот на дадени гласови се намали на 32.057.325.
Од нив, 18.768.639 отишле кај Емануел Макрон (58,55 отсто), наспроти 13.288.686 за Марин Ле Пен (41,45 отсто).
– Емануел Макрон доби апсолутно мнозинство од дадените гласови, Уставниот совет, на овој 27 април 2022 година, го прогласува Емануел Макрон избран за претседател на Републиката, објави Лоран Фабиус, укажувајќи дека мандатот на новоизбраниот претседател „ќе започне од 14 мај 2022 година на полноќ“.