Д-р Слаѓана Стошиќ е единствената Македонка лекарка специјалист во главната Виенска клиника, која е и голем европски медицински центар, АКХ. Работи рамо до рамо со врвни европски и светски специјалисти и покрај на клиника, работи на многу истражувања поврзани со белодробните болести на Универзитетот во Виена. Во моментот покрај на пулмологија, работи и во ковид-одделот во болницата.
Oд студент на медицина во Македонија, до лекар специјалист во главната клиника во Виена, која не е само автриски, туку и значаен клинички центар во европски рамки. Каков беше патот до таму?
– Моето работно искуство овде го започнав веднаш после завршување на студиите, иницијално како докторант, а подоцна како специјализант по интерна медицина и пулмологија. Покрај стручниот аспект, многу други елементи, како потполно различниот административен и функционален систем, германскиот јазик како и австрискиот менталитет, беа огромни предизвици за мене. Секако дека се работи за компетитивна средина, има услови за напредок, и иако на почеток тоа е недостаток, со текот на времето доаѓањето од друга култура стана за мене предност. Патот не беше лесен, и понатаму не е, но мојата најголема мотивација е јас да се надминам себеси и да си поставувам нови цели. Од моето 11-годишно искуство овде, можам да кажам дека постојаниот фокус на своите цели, истрајност и напорна работа, неминовно водат до успех.
Од искуството овде, кои се трите најпроблематични точки во јавното здравство во Македонија и кои три суштински реформи може да дадат одговор на тие проблеми?
– Мислам дека има повеќе проблематични точки и мое мислење е дека првично не треба да се фокусираме на специфични проблеми, туку да го промениме ставот дека едноставно имаме ограничени ресурси и мораме да ги прифатиме работите како што се. Мислам дека секој медицински работник носи дел од одговорноста и првиот чекор е да се сфати дека секој е битен, и со своите постапки може да направи разлика. Секој лекар треба да биде неприкосновен во својата стручност и да постои клима за дискусија.
Понатаму, здравствениот систем треба да биде прилагоден на потребите на пациентите, а не обратно. Секако дека тука треба да се промени и законската регулатива, односно во индивидуални случаи да може брзо и ефективно да се донесе одлука во корист на пациентот, бидејќи на крајот од денот тоа е целта на нашиот систем.
Едукацијата на пациентите во примарното и секундарното здравство е енормно битна, исто така свесноста за своите права како од страна на пациентите, така и од страна на медицинскиот персонал.
Што најмногу ви недостасува од Македонија, освен блиските?
– Ми недостасуваат прошетките во градот во кој имам израснато, случајни средби со пријатели од младоста и едноставно, нашиот менталитет.