Гастрономијата за Елизабета Пешовска претставува уметност, почнувајќи од самата подготовка на храната па сè до нејзиното вкусување.
– Активно се посветив на гастрономијата откако станав мајка – се смее Бети и додава – Гледајќи ги мајка ми и баба ми, се јави огромна љубов за готвењето, а по мојата нова животна улога се развија и нови идеи за подготвување, желба за декорација на храната и прилагодување на некои рецепти кон вкусовите на најблиските.
Според оваа махерка во кујната, без зачинот „љубов“ ниеден оброк не би бил вкусен.
– Секако, покрај тоа, јас најчесто употребувам и босилек, мајчина душичка и рузмарин. Му даваат посебен вкус и миризлива нота на секое јадење и го прават неодоливо вкусно. Доколку се работи за нешто слатко, тогаш ванилата или циметот се едни од најчесто застапените состојки што ги користам – ни рече Бети.
Инаку, Елизабета е мајка на петгодишно синче, сопруга која е посветена на своето семејство и која освен што ужива во готвењето, ја обожава својата професија – фармацевт во успешна фармацевтска компанија.
Ви носиме три совршени рецепти директно од кујната на Бети.
Oвесни палачинки со чиа џем
Потребни состојки:
За тестото: 1 јајце, 2 чаши од 250 мл блендирани овесни снегулки, 1 чаша оризово млеко, 1 блендирана банана, ½ лажица кокосово масло, 1 мала лажица сода бикарбона.
Полнење: 1 ½ чаша мешано замрзнато црвено овошје, 1 лажица мед, 3 лажица вода, 3 лажици чиа семе.
За тестото потребно е сите состојки да се измешаат и да се остави да отстои. Во меѓувреме се става овошјето со медот и водата на оган и со постепено мешање се пасира. Се трга од оган, се додава чиата и во тегла се остава во фрижидер 10-на мин. Потоа, на тавче за палачинки се става малку кокосово масло, се става од смесата, се превртува кога ќе се појават меурчиња, се става по 1 лажица од чиа џемот и се прелива пак со смесата за палачинки.
Пудинг торта
Можете да комбинирате со бело и црно чоколадо во пудинзите, или со пудинг од ванила и чоколадо. Јас се одлучив само за чоколадо.
Потребни состојки: 3 ќесички пудинг од чоколадо, 1 л млеко, 250 гр путер, 200 гр чоколадо за готвење, 600 гр бисквити, 150 гр шеќер + 6 лажици, 2 ќесички шлаг пена.
Подготовка: Од 1 л млеко одземате 200 мл и во него го мешате прашокот од 3-те ќесички пудинг. Останатите 800 мл млеко ги ставате во длабок сад на оган и во нив додавате 6 лажици шеќер. Претходно растворениот пудинг го додавате кон млекото на оган и мешате додека се згусне и свари пудингот. Откако ќе се свари, се дели на два дела. Во едниот дел се додава 150 гр претходно растопено чоколадо. Двата дела се оставаат да се оладат. На страна се мати 250 гр путер со 150 гр шеќер и се дели на два дела кои се додаваат на двата дела од пудингот. Секој дел се мати поединечно.
Двете ќесички шлаг се матат поединечно според упатството на ќесичката.
Во правоаголен плех се редат 2 реда бисквити претходно натопени со млеко. Потоа се става филот од пудингот со растопеното чоколадо. Врз него се реди еден ред бисквити па врз нив се става изматениот шлаг. Повторно се редат бисквити, па потоа вториот дел од пудингот. Врз готовиот колач се ренда чоколадо или се декорира по ваша желба.
Проја со спанаќ и зденка
Потребни состојки: 2 јајца, 125 гр брашно, 125 гр пченкарно брашно, 130 мл јогурт, 30 мл млеко, 60 мл масло за јадење, 1 прашок за пециво, 1 лажичка сол,
½ лажичка шеќер, 2 зденки, две раце исецкан спанаќ, 50 гр сирење (по желба), сусам.
Подготовка: Јајцата, солта, прашокот за пециво и ½ лажичка шеќер помешајте ги со рачна маталка. Потоа додадете ги сите состојки и мешајте додека смесата не се изедначи. Во подмачкам плех истурете ја смесата, ставете сусам и печете на 180 °Ц, 25 минути. (Плехчето во кое е печена пројата е со должина 30 см и ширина 11 см.)