Поранешниот градоначалник на Центар и сопственик на компанијата „Тинекс“, Владимир Тодоровиќ и неговата сопруга се спогодија со Обвинителството и добија условни казни откако беше утврдено дека дале лажно сведочење и ја попречувале правдата во случајот „Талир“, јавува Телма.

Покрај алтернативни мерки – условни казни затвор од две години, односно од шест месеци, треба да ги платат и судските трошоци, објави БИРН.

Во пресудата на Кривичниот суд во Скопје, пишува дека обвинетите се спогодиле со скопската обвинителка Елма Сулејман, а судот подоцна таа спогодба ја потврдил во пресуда. Трите судијки: Џенета Бектовиќ, Славица Андреевска и Верка Петковска, оцениле дека условната казна за Тодоровиќ и за сопругата се доволни.

Пресудата е правосилна, а во неа се додава дека сопругата на Владимир Тодоровиќ, во 2020 година во скопски ресторан договорила средба со сопруга на друг сведок.

„Предала два листа испишан компјутерски текст на латиница, кои содржеле насоки за тоа каков исказ треба да даде лицето А. Н. на главната расправа пред Кривичниот суд во Скопје“, се вели во пресудата, според БИРН.

Тоа значело дека сведокот што го договарала брачната двојка, пред судот требало да сведочи различно од она што било сведочено во истрагата пред јавниот обвинител.