Гинекологот Мухамед Асани, кој во нелегална ординација во неговата куќа, давал здравствени услуги, а меѓу клиентите беше и родилката Јалдз Веапоска, која подоцна остана без органи, доби условна казна.

Од Основниот суд во Струга за МКД.мк појаснуваат дека гинекологот е осуден за давање здравствени услови без дозвола за работа. Асани од Државниот санитарен и здравствен инспекторат доби забрана за вршење на дејност во нерегистрирана ординација. Според пресудата гинекологот не смее да направи ново кривично дело во наредните четири години, во спротивно, ќе треба да лежи затвор од две години.

На оваа одлука жалба до Апелацискиот суд во Битола вложиле и обвинетиот и Обвинителството, со што по жалбите се постапува, а пресудата не е правосилна.

За гинекологот Асани во Основниот суд во Струга се води уште една постапка за Тешки дела против здравјето на луѓето од член 217 став 3 во врска со член 207 став 1 и 3 од Кривичниот законик.

Лани во мај Обвинителството поднесе обвинение против поранешниот директор на Струшката болница д-р Мухамед Асани и уште двајца доктори кои на Веапоска при породувањето ѝ извадиле матка, јајник и бубрег. Асани лани доби обвинение оти лекувал дома во дива гинеколошка ординација, каде ја водел цела бременост на родилката од Дебар и за овој предмет е условната пресуда.