Уште три брода полни со жито ќе испловат од Украина на 5 август според договорот поддржан од Обединетите нации (ОН) за обновување на извозот на жито и други земјоделски производи преку пристаништата на Црното Море, изјави турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар.
Advertisements
Тој кажа дека за денеска е планирано трите брода со жито да испловат од украинските пристаништа, не прецизирајќи од кои пристаништа ќе испловат бродовите, но додаде дека се очекува еден празен брод да се упати кон Украина откако ќе биде ќе биде извршена инспекција во Истанбул.
Акар разговараше со министрите за одбрана и инфраструктура на Украина за да дискутираат за ситуацијата околу испораката на жито, што го организира Заеднички координативен центар сместен во Истанбул.
„Резултат на интензивната работа и координација во Центарот е договорот нови три брода со жито да испловат од украинските пристаништа“,рече Акар.
Изјавата на Акар доаѓа откако првиот брод со жито исплови од Одеса во понеделникот и за 36 часа пристигна до Истанбул, според договорот меѓу Русија и Украина, а во посредство на Турција и Обединетите нации. Бродот тргна од украинското пристаниште во Одеса на 1 август кон либанското пристаниште Триполи.
Договорот за непречена пловидба на бродовите со жито низ Црното Море треба да ја олесни глобалната криза со храна предизвикана од војната во Украина.
Москва и Киев се согласија во договорот склучен минатиот месец со посредство на Турција и Обединетите нации за обновување на испораките на пченица и друго жито од три украински пристаништа, за прв пат по инвазијата на Русија во февруари.
Договорот бара меѓународен тим кој вклучува претставници од Турција, Обединетите нации, Русија и Украина да ги надгледува инспекциите и минувањето низ Босфорот.
Тимот во соопштението рече дека успешниот премин на првиот брод понудил „доказ за концепт“ што може да го одржи договорот.