Долгонајавуваниот нов Закон за игри на среќа никако да биде објавен на Единствениот национален електронски регистер на прописи (ЕНЕР) од страна на Министерството за финансии. За ресорното министерство сега носењето на овој закон не е приоритет. Министерството за финансии на 16 – ти февруари ја повлече најавата од електронскиот регистар каде засегнатите страни имаа можност за поднесување забелешки и предлози за текстот на новиот Закон. Какви забелешки се поднесени засега е непознато, бидејќи од финансии не одговорија на прашањата на Алсат. Во телефонски разговор само ни кажаа дека Законот се уште се изработува и кога ќе биде готов, ќе ја известат јавноста.

„Нема законска обврска за тоа колку време е потребно од најава на некој закон на ЕНЕР, до негово објавување во драфт верзија“, велат од министерството за финансии.

Во предлогот на финансии стоеше дека се подготвуваат измени во делот на заштитата на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст и се предлага деловните простории, односно уплатно – исплатните места во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени 500 метри од основни и средни училишта и високообразовни институции. Но, дали оваа мерка ќе важи за сите или само за новоотворените простории, засега не откриваат од ресорното министерство. А, од движењето „Антикоцкање“ за Алсат велат дека не отстапуваат од барањето објектите за игри на среќа да бидат дислоцирани од населените места.

„Барањето на Движењето Антикоцкање е затворање на сите објекти на игри на среќа до донесување на Законот со кој ќе се систематизираат тие објекти и да не се држи страна на оние што го грабнуваат џебот на граѓанинот“, рече Џемал Абдиу движење Антикоцкање.

Но, од бизнисот со спортски обложувалници немаат намера да ги прифатат најавените промени, бидејќи стравуваат дека тоа ќе значи затворање на целата индустрија. Од Асоцијацијата на спортски обложувалници бараат Закон кој ќе биде во рамките на европските норми каде нема оддалеченост на објектите кои приредуваат игри на среќа од образовните институции, бидејќи анализите покажувале дека тоа нема никаков ефект врз навиките на луѓето. Инаку, владата ја укина и можноста домашните обложувалници да нудат онлајн обложување, што кај фелата од оваа дејност беше оценето како потег кој дополнително ќе му штети на нивниот бизнис.