Неодамнешното пропаѓање на банката Силикон Вели (Silicon Valley Bank) во САД и кризата со Кредит Свис (Credit Suisse) во Швајцарија во текот на викендот предизвика загриженост за целиот меѓународен финансиски сектор. Додека европските влади и финансиски институции одблизу ја следат состојбата, не е сѐ толку црно.
Во понеделникот, европските и финансиските лидери ја креваа довербата на потрошувачите по кризата по кризата во Кредит Свис, втората по големина банка во Швајцарија. Итното преземање на Кредит Свис од страна на конкурентот УБС (UBS) и потешкотиите со кои се соочија некои помали американски институции ја зголемија загриженоста околу банките во еврозоната во текот на оваа недела.
Европските советодавни тела потврдија дека во случај на пропаѓање на банка во Европската Унија се применува фиксно правило согласно кое се повикуваат акционерите и другите доверители. Акционерскиот капитал прв ги покрива загубите на банката. Доколку ова е недоволно, се преминува на обврзниците, тнр. АТ1 капитал.
Во случајот со Кредит Свис, сопствениците на овие обврзници ќе ги изгубат нивните инвестирани средства во текот на преземањето од страна на УБС. За тие АТ1 обврзници, загубата изнесува 16 милијарди швајцарски франци (16 милијарди евра). Акционерите на Средит Свис исто така ќе изгубат голем дел од нивните пари но ќе добијат хартии од вредност од УБС.
Претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изрази оптимизам дека нема да има прелевање на овој настан во финансискиот систем на еврозоната. Европскиот банкарски сектор беше отпорен благодарение на силниите капитални и ликвидни позиции, рече Лагард. Имајќи ги в предвид моменталните пазарни тензии, ЕЦБ беше подготвена да го поддржи, ако е потребно, финансискиот систем со ликвидни средства, како и да го задржи урамнотеженото функционирање на монетарната политика, додаде таа.
Минатата недела ЕЦБ ја крена каматната стапка за 50 процентни поени и покрај превирањата. Во поглед на тековното високо ниво на несигурност, централната банка не се обврза за во иднина. Лагард стави јасно до знаење дека монетарните чувари ќе се водат од економски податоци.
Политичарите и претставниците на централните банки низ Европа не се согласни околу ефективноста на последната одлука на ЕЦБ за каматните стапки.
Италија: Политиката на ЕЦБ за каматни стапки под лупа
Италијанскиот министер за економија Џанкарло Џоргети изјави во понеделникот дека верува оти влијанието на кризата во Кредит Свис врз италијанскиот банкарски систем ќе биде „незначително“. Зборувајќи за пазарните турбуленции поврзани со Кредит Свис и претходното пропаѓање на банката Силикон Вели во САД, тој рече дека верува оти пазарите малку се смириле. „Мислам дека состојабата во Европа е под контрола.
Ние сме во постојана комуникација со регулаторните тела и сме спокојни околу италијанскиот банкарски систем.“
Миланската берза регистрираше пад од 2,6 проценти во раното тргување во понеделникот, каде акциите на банките паднаа после повеќе од еднонеделни турбуленции на меѓународните пазари на пари. Спасот на Кредит Свис што беше објавен во текот на викендот не успеа да ги смири грижите на инвеститорите. Во вторникот, миланската берза се затвори со пораст од 2,53 проценти откако акциите на банките силно се вратија по неодамнешните загуби поради Силикон Вели и Кредит Свис.
Џоргети исто така ги повтори своите критики кон политиката на Европската централна банка за зголемување на каматните стапки заради спречување на високи нивоа на инфлација. „[Политиката] внимателно треба да се калибрира бидејќи зголемувањето на каматните стапки може да биде корисно во контрола на инфлацијата но исто така може да предизвика проблеми во финансиската стабилност“, рече тој.
Италијанската влада не беше задоволна од одлуката на ЕЦБ да ја зголеми основната каматна стапка за 50 процентни поени. „ЕЦБ не се движи во вистинска насока, дури и ако денес се означи стартот на преосмислувањето. Според мене, ова не е добар начин за справување со инфлацијата,“ рече заменикот премиер и министер за надворешни работи Антонио Тајани.
Франција: Базел III правилата ја спасија работата
Европските банки беа во „исклучително добра“ форма и нивната состојба не беше иста како таа на американските заемодавачи, рече минатата недела гувернерот на француската централна банка Франсоа де Галхау, кој е исто така и член на советот на ЕБЦ, околу стравовите за криза во секторот.
„Европските банки не се во иста ситуација како одредени американски банки од проста причина што тие не се предмет на исти правила“, додаде тој. Правилата познати како Базел III што беа креирани по финансиската криза во 2008 година за да се осигура дека банките имаат соодветен капитал и ликвидност се „ефективни“, вели Вилерој де Галхау. Тој додаде дека 400 европски банкарски групи беа подложени на критериумите на Базел III, споредено со само 13 во САД.
Во текот на мандатот на Претседателот Доналд Трамп, малите и средните американски банки беа изземени од правилата од Базел во 2019 година, вели тој и додава дека и банката Силикон Вели и банката Сигначр (Signature Bank) што пропаднаа минатата недела беа меѓу нив. Гувернерот на француската централна банка објаснува дека Кредит Свис е посебен случај. „Тоа е банка што има и потешкотии поврзани со бизнис моделот како и недостатоци во внатрешниот систем на контрола,“ вели тој.
Додека ЕЦБ кажа дека е подготвена да обезбеди ликвидни средства за да се обезбеди стабилноста на финансискиот систем на еврозоната, таа остана верна на зголемувањето на каматните стапки за половина процент со цел да се ублажи инфлацијата, и покрај стравовите дека зголемените трошоци за позајмување може да предизвикаат дополнителен стрес врз банките. Вилерој де Галхау рече дека потегот на ЕЦБ испрати „силен“ сигнал на доверба во нејзината антиинфлациска стратегија и стабилноста на европските и француските банки.
Словенија, Бугарија и Германија остануваат мирни
Во понеделникот, Банката на Словенија соопшти дека европските и словенечкиот банкарски систем функционираат солидно и покрај превирањата во банкарските системи на САД и Швајцарија. „Банкарскиот систем во еврозоната е отпорен, со силни капитални и ликвидни позиции“, додава словенечката централна банка.
Банката уверува дека опсегот на инструментите на монетарна политика на ЕЦБ се доволно голем за да обезбеди ликвидна поддршка на финансискиот систем кога е тоа потребно.
Бугарскиот технички министер за финансии Розита Велкова коментираше дека во моментот нема ризик за Бугарија по пропаѓањето на банките во САД.
Вишиот финансиски аналитичар во Моитепари.бг, Десислава Николова, тврди дека зголемувањето на каматните стапки од страна на ЕЦБ што почнаа во 2022 година не влијаат врз банкарскиот пазар во Бугарија поради неговата добра ликвидност. Земјата има доволно ресурси за да го успори процесот поврзан со зголемувањето на каматните стапки, вели таа. Бидејќи не е дел од еврозоната, Бугарија ги одржа каматните стапки за заеми и депозити на најниско ниво, рече Николова. Таа очекува дека наместо постепено зголемување на каматните стапки, во Бугарија може да се случи побрзо зголемување бидејќи последните случувања предизвикаа несигурност, гледано од макроекономски аспект.
Германскиот канцелар Олаф Шолц во понеделникот го поздрави „одлучниот потег на швајцарските власти“ за преземање на Кредит Свис од страна на конкурентот УБС, изјави портпарол на владата. Европските власти ја научија лекцијата од финансиската криза во 2008 година и ги стегнаа банкарските прописи, нагласи тој. „Така, германскиот банкарски систем е добро позициониран“, додаде портпаролот.
Не се гледа крајот на зголемувањата на каматните стапки на ЕЦБ
Според претседателот на германската централна банка Јоаким Нагел, кој членува во Советот за монетарна политика на ЕЦБ, Европската централна банка сѐ уште не стигнала до крајот на патот поврзан со зголемувањето на нејзината каматна стапка. Истовремено, во интервју за „Фајненшл тајмс“ тој вели дека каматните стапки се доближија до рестриктивен опфат, ниво каде што економистите сметаат дека каматните стапки почнуваат да ја забавуваат економската активност.
Нагел нагласи дека ЕЦБ ќе треба да одолева на повиците за предвремени кратења на каматните стапки откако е постигнат врвот, инаку, вели тој, високата инфлација се заканува дека повторно ќе се разгори. „Нашата борба против инфлацијата не е завршена“, вели шефот на германската централна банка.