Гувернерот на американската сојузна држава Вирџинија, Ралф Нортум, го потпиша законот за укинување на смртната казна, што ќе биде заменета со доживотен затвор без можност за предвремено помилување, јавија руските медиуми, повикувајќои се на информации од личниот профил на гувернерот на Фејсбук.
На овој начин Вирџинија стана 23-та американска држава по ред, која ја укинува употребата на смртна казна на нејзината територија. Досега оваа држава важеше за лидер според бројот на извршени егзекуции.
Според извештаите на американските медиуми, за време на целото постоење на Вирџинија, вклучувајќи го и статусот на британска колонија, нејзините власти погубиле речиси 1.400 лица.
Со новиот закон смртната казна се заменува со доживотен затвор, без право на помилување.
Во јануари годинава, повеќе од сто службеници за спроведување на законот во САД, главни обвинители и обвинители, судии и претставници на Министерството за правда, го повикаа американскиот претседател Џо Бајден веднаш да ја укине смртната казна во САД. За време на неговата изборна кампања, американскиот претседател изрази заложба за укинување на овој вид казна како дел од неговите идни реформи.
Врховниот суд на САД во јули 2020 година донесе одлука дека може да се извршат првите егзекуции во последните 17 години во американските федерални затвори, со укинување на одложувањето што претходно го наредил понизок суд. Прв беше погубен 47-годишниот Даниел Луис Ли, кој се наоѓаше во федералниот затвор Тера Хот во Индијана.
Враќањето на федералната смртна казна беше симболично во САД, каде повеќето егзекуции се извршуваат под јурисдикција на одделни држави, а не на федералните власти. Меѓутоа, во 2020 година федералните власти во САД за првпат во историјата на земјата извршија повеќе смртни казни отколку сите сојузни држави заедно, се наведува во годишниот извештај на Центарот за смртни казни.