Одлуката за привременото ограничување на копнените граници и новите дополнителни рестрикции воведени минатата седмица за граничните премини со Северна Македонија и Албанија, како и забраната за влез во Грција на државјани на трети земји, грчката Влада ги продолжи до 22 март 2021 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Од минатиот понеделник, во сила се построги мерки за граничните премини Евзони со Северна Македонија и Какавиа со Албанија, кои работат од 7 до 19 часот, по локално време, наместо до 23 часот, како што беше претходно, а дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена.
– Advertisement –
На граничните премини, на сите, задолжително им се прави рапид тест, вклучително и на возачите на камионите, при позитивен резултат нема да биде дозволен влез.
Новите построги мерки, односно брзите тестови при влезот и работното време на граничните премини важат и за транспортерите, нешто што беше причина, во петокот камионџиите од Грција и Северна Македонија да одржат протест на Евзони (Богородица).
Министерската одлука за „воведување мерки за привремено ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на земјата, за забрана за влез во земјата на државјани на трети земји, освен од државите на Европската унија и Шенген зоната“ за да се ограничи ширењето на коровирусот веќе е објавена во Службен весник на Грција и утрово стапи во сила.