Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Прстот секогаш е вперен во државата, институциите и политичките класи. Ретко (да не речам никогаш) се упатува критички поглед на оние што носат огромна, веројатно пресудна, одговорност во обликувањето на општеството – интелектуалците, медиумите и граѓанското општество. Кога велам граѓанско општество, мислам на најширокото значење на тој израз – здруженија, фондации, хуманитарни организации, политички партии итн. Да, да, и политички партии.

Длабоко во општеството тлеат сериозни прашања за минатото, сегашноста и иднината. Со децении, интелектуалците, медиумите и граѓанското општество се занимаваат само со површината. Општеството се гуши, но општествените чинители се занимаваат со црвенилото во грлото и не сакаат да видат дека се работи за (хронично) воспаление на белите дробови.

Еден дел од светот одамна замина на сосема други платоа – for better or worse – но поголем дел од општествата се удобно сместени во чаурата среде пајаковата мрежа и чекаат да биде изедени од сопствените кошмари.

Метафорите овде немаат функција за постигнување уметнички впечаток, туку да ја илустрираат состојбата. Ако ги погледнеме постсоцијалистичките општества, можеме да кажеме, само донекаде со право, дека три децении не се многу време за да се изгради општество врз здрави основи. Но! Нездраво е да се биде на самиот почеток цело време. Во тој случај, три децении се вечност.

Дебатата за вредностите, минатото, перспективите и ориентацијата на државата се третираат со квази академизам и, уште полошо, со популизам. А кога имате квази академизам и популизам – очите остануваат силно затворени, ушите затнати, а мозокот дреме. И дебата нема, а уште помалку работа, решенија и развој.

Само устите се силно отворени, гласните жици напрегнати до максимум.

Во таква состојба на општеството, во кое интелектуалната „каста“ се занимава со популистичка пропаганда и „свирење на увце“ на центрите на моќта, наместо со вредности и наука, не можете да очекувате да се развијат институции со кои државата го организира животот на граѓанките и граѓаните.

Институциите на државата не се (поточно, не треба да бидат) амбулантни возила за брза помош. Болницата е институција, а не амбулантното возило. Општеството се однесува обратно. Како што стојат работите денес, општеството „се лекува“ по дома, следејќи совети од социјалните мрежи, седатив му е „тик-ток“ културата, а пред да умре, се лекува – во амбулантното возило.

За оваа „превртена“ култура се одговорни интелектуалците, медиумите и граѓанското општество.

Пример? Еве, една од најболните точки. Не можете да очекувате судство во општество во кое голем број судии (не сите) немаат морален интегритет и не ги прифатиле демократските и цивилизациските вредности. Сеедно е колку тие знаат, ако на знаењето не му дале концепт и ако не изградиле систем на вредности.

Или, во контекст на „невладините фолиранти“, како што моите колешки и колеги во ЦИВИЛ знаат да кажат – „од 8 до 4 е борец за права, а после работно време е фашист“. Тоа не може така.

Или – болната тема – корупцијата. Целото општество, сосе политичкиот естаблишмент, се занимава со „борба против корупцијата“ врз основа на извештаите за перцепции. А перцепциите им ги создаваат медиумите, тинк-тенк организациите и пропагандната машинерија на центрите на моќта. Што е тоа освен бркање на сопствениот опаш?

За тоа време, корупцијата останува едно од основните обележја на културата на живеењето. Во сите сегменти на општеството. Со други зборови, сите ги бараат корумпираните поединци, а не гледаат дека се вплеткани во пајажината – културата на корупција. Тешко е да се свари, знам. И ни оддалеку не е обид да се релативизира, туку да се посочи правецот кон решенијата. Но… Кој да слушне и кој да прочита, кога ушите се затнати и очите силно затворени!?

Ете, во такво општество, имате олигарси и автократи кои владеат со секој аспект на животот на луѓето. Интелектуалците, медиумите, институциите, политичките партии се играчки во нивните раце.

ПС. Кој ќе прочита, нека крене рака.

Превземено од Фронтлине.мк