Европското движење излезе со официјален став поддржан и од Меѓународното европско движење, дека Северна Македонија треба да напредува во натамошните етапи во евроинтеграцискиот процес, а билатералните спорови да бидат паралелно решавани. Тоа би претставувало разумно решение на Европската Унија, како што тоа било и во случај со други држави, на пример Хрватска, изјави во интервјуто за МИА проф. Д-р Милева Ѓуровска, претседател на Европското движење и Координатор на Националната конвенција за Европска Унија во Северна Македонија.
Ѓуровска вели дека добрососедските односи се значаен фактор во функционирање на Европската Унија.
-Почитувајќи го овој принцип Бугарија треба да придонесува на брзото зачленување на С Македонија во Европската Унија. Така ќе оствари поголема близина со македонските институции и поголема соработка со граѓаните, отколку со неразумни блокади кои прават многу голема дистанција и поголемо одбивање, вели Ѓуровска за МИА.
Европското движење традиционално со голем број активности го одбележува Денот на Европа. Можете ли да ни кажете што беше во фокусот на активностите оваа година?
Активностите по повод одбележувањето на 9 Мај, Денот на Европа, претставуваат обележје на Европското движење бидејќи во изминатите 30 години од неговото постоење тие станаа традиција. За жал и оваа година, како и претходната, многу од настаните се адаптираа на барањата на мерките за безбеднoст во услови на Ковид-19 пандемијата и се реализираа онлајн без притоа да ја изгубат својата суштина: да поврзат, да едуцираат, да ги афирмираат европските вредности и евроинтеграцискиот процес. Годинава целна група се младите кои го прифатија тоа, за кои дигиталната технологија претставува посебен предизвик. Имавме виситинска младинска дебата на провокативната тема: „I have something to say about my future“. Нивната порака е дека треба да се создадат услови за да може да ја живеат демократијата во реалноста, дека би сакале да живеат во општество без корупција, а посебно ги избезумува непотизмот во поглед на вработувањето. Во тек е квизот на знаење за Европска унија, следи натпревар во есеи за средношколци и други активности. Би ја споменала големата граѓанска дебата на тема: „Иднината на Европа и иднината на проширувањето“ каде ќе се зборува за големиот проект на ЕУ т.н. „Future of Europe“ во однос на кој би испратиле пораки за значењето на проширувањето и почнувањето на пристпниот дијалог – за нас многу значаен, но не помалку и за самата ЕУ која би го интегрирала и овој, исто така, стратешки дел на Европа.
Вие сте координатор на Националната конвенција за ЕУ во С Македонија, што започна во 2017 година со поддршка на СловакАид и УСАИД. Во сесиите што ги организира Конвенцијата се дава акцент на фундаменталните кластери, како што е владеење на правото, но и на внатрешни работи и животна средина. Многу словачки експерти досега учествуваа на сесијата со што се придонесе за размена на искуства во многу области. Објаснете ни подетално, како Националната конвенција ќе му помогне на преговарачкиот процес?
Националната конвенција за Европската унија во С Македонија (НКЕУ-МК) е континуирана граѓанска платформа во која се води дијалог за значајни прашања од пристапните преговори за членство во Унијата. Предноста на ваквиот структуриран дијалог е што дава можност да се соочат директно различни гледишта за прашања кои се дел од преговарачкиот процес и да се донесе заедничко решение според европските стандарди. Се чини дека консензусот тешко се постигнува во нашето општество, но искуствата од НКЕУ-МК покажуваат дека оваа методологија дава можност претставниците на институциите (во улога на копретседавачи), претставниците на граѓанските здруженија, академската средина, синдикатите, организациите на работодавачи, земјоделци и други заинтересирани граѓани да укажат на тоа како тие би го решиле поставеното прашање (во зависност од темата на дијалогот). Словачката експертиза кажува како во Словачка, како членка на ЕУ, се решавале таквите прашања – драгоцени искуства за разбирање на проблемите и за приближување кон европските стандарди. Во овој процес сите учат едни од други. На пример, во Поглавјето 24 (Правда, слобода и безбедност) преку својот копретседвач МВР ги истакнува значајните проекти и напредувањето во Поглавјето (легислатива, мерки, политики) што за другата стручна јавност е прилично непознато, но МВР, исто така, ги сознава ставовите и критичките забелешки укажани од граѓанските здруженија и другите чинители. Важна е и размената и препознавањето на релевантните ЕУ документи кои се значаен паткоказ за нашите експерти во наоѓањето на ефективни решенија. Најголема придобивка од НКЕУ-МК претставуваат препораките кои се усвојуваат со консензус кои се корисни за институциите за напредување во релевантните поглавја. Тука го гледам придонесот на НКЕУ-МК во преговарачкиот процес. НКЕУ-МК има одлична соработка со институциите во петте поглавја во кое дејствува (Поглавје 11 – Земјоделство и рурален развој, Поглавје 19 – Вработување и социјална политика; Поглавје 23 – Правосудство и фундаментални права; Поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност; и Поглавје 27 – Животна средина). Ќе истакнам дека, има периоди кога институциите покажуваат голем ентузијазам и посветеност на евроинтеграциските процеси и се забележува голема ефикасност на тој план, но и периоди кога доминира пасивен политичкиот дискурс кој ги пасивизира и другите работи. Напредувањето во реформите кои се клучен услов за напредување и во преговарачкиот процес бара упорно и контиунирано работење, постојана посветеност на процесот и паралелно решавање на политичките проблеми.
И овој Ден на Европа земјава го одбележува без формален почеток на преговори, поради блокадата на Бугарија. Иако Германија вложи огромен напор за време на нејзиното претседавање да се одблокира процесот, тоа не успеа. Надежите се дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи во првата половина на годината. Но еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, рече дека Албанија е подготвена, а С Македонија прво да го реши прашањето со Бугарија, додека пак Германија и Словачка се децидни Албанија и С Македонија да не се одвојуваат во процесот. Дали сметате дека ова билатерално прашање треба да не кочи на нашиот пат кон ЕУ?
Веќе истакнав дека во целокупното општествено живеење долго време доминира политичкиот дискурс и целокупната јавност се занимава со проблемите произлезени од бугарската блокада за официјално отпочнувањето на пристапните преговори, а како и секој друг проблем и овој мора да има решение – доколку правилно се пристапи. Уште во текот на 2020 година ние во ЕММК имавме официјален став дека билатералните спорови не треба да бидат препрека во отпочнувањето на преговорите за членство. Во Ноември 2020 година ЕММК креираше официјална изјава која беше испратена до нашите медиуми, но и во вид на амандман до Меѓународното европско движење (МЕД) од кое добивме официјален одговор дека го поддржува напредувањето на С Македонија во натамошните етапи на евроинтеграцискиот процес, а билатералните спорови да бидат паралелно решавани. Ова би претставувало разумно решение на Европската Унија, како што тоа било и во случај со други држави (Хрватска, на пример). Добрососедските односи се значаен фактор во функционирање на Европската Унија. Почитувајќи го овој принцип Бугарија треба да придонесува на брзото зачленување на С Македонија во Европската Унија. Така ќе оствари поголема близина со македонските институции и поголема соработка со граѓаните, отколку со неразумни блокади кои прават многу голема дистанција и поголемо одбивање.
Владата усвои Агенда Европа дома, со цел примена на европските стандарди овде во земјава. Дали сметате дека тоа треба да биде замена за членство, доколку се одолговлечи формалното отворање на преговорите?
„Европа дома“ навистина звучи убаво и претставува солидно систематизирана агенда која ги одбележува главните точки во процесот на хармонизација на Националното со Европското законодавство. Со мали допрецизирања, а веројатно и со натамошно ажурирање, би била добар патоказ во европеизацијата на државата. Овде не би го го употребила терминот „замена за членство“. Не треба да го раздвојуваме процесот на европеизација на начинот на живеење на нашите граѓани од официјалниот чин на добивање на датум или самото членство. Исполнување на европските стандарди е значајно за нашите граѓани и тоа е нешто што во ниедна форма не треба да се става под знак на прашање. Сѐ она што не приближува кон Европа е позитивно, но целта е полноправно членство. Тоа е стратешка цел од почетокот на независноста на нашата држава.
Нашата држава работи добро во поглед на носење на закони и многу од нив се добри, истакнуваат експертите во НКЕУ-МК, но има голем проблем во нивната имплементацијата. Имаме хипер продукција од документи направени според европската методологија (Национални планови, Стратегии, Агенди, Планови и.т.н.) тие редовно се донесуваат, но не се забележуваат значителни промени во животот на луѓето, особено во поглед на животниот стандард – тој постојано опаѓа што го интензивира чувства на несигурност, безперспективност кај младите и апатија – особено засилени во услови на Ковид-19 пандемијата. Можеби е вистински момент за „орање на домашната почва“ за да имаме бериќет. Затоа е вистинско време за „Европа дома“ – нешто на кое во НКЕУ-МК постојано укажуваа експертите во сите работни групи. Доколку Европската унија се уште се раководи од базичните европски вредности ќе знае да ги оцени овие напори и оваа стратегија.
Какво е Вашето мислење за нашата европска перспектива, што доколку ова билатерално прашање со Бугарија трае подолго од очекуваното?
Повторувам, дека во ниеден случај не би требало да се напушти европската перспектива на нашата држава. На краток или на долг рок наше е да не отстапуваме. Европската агенда треба да ја одржуваме на сите нивоа на комуникација, дома но и во надворешната комуникација. И покрај проблемите со Бугарија кои длабоко го погодуваат националното достоинство на македонските граѓани, ретки се граѓаните кои велат нам ЕУ не ни е потребна. Пораснат е процентот на граѓани кои покажуваат резерви во однос на ЕУ која не покажува цврста волја да го менаџира овој спор, но се уште, приближно 60 отсто од граѓаните изјавуваат: доколку утре има гласање дали сум за членство во ЕУ ќе гласам „ЗА“! Клучното во овој момент е да се овозможи инситуциите да ја извршуваат својата улога бидејќи само тие можат бидат гарант на имплементација на законите и воспоставување на правната држава. Ова особено се однесува на клучните институции кои се бедем на правниот систем (Функционален Парламент и независен правосуден систем). Европската унија е заедница на држави поврзани со нивните правни системи од каде и потекнува барањето: „прво правна држава која ќе се избори против корупцијата, а потоа членство во ЕУ“. За хармонизација на европска легислатива може да се зборува тогаш кога ќе постои ефикасен правен механизам за нејзина имплементација во секојдневниот живот на граѓаните. Тогаш започнува процесот на европеизација.
Каква е соработката со меѓународното Европското движење? Дали имате размена на искуства, какво е мислењето на интелектуалците во врска со нашата европска перспектива и билатералното прашање со Бугарија.
Меѓународното европско движење (ЕММК е полноправен член повеќе од 20 години) игра исклучително значајна улога во европскиот граѓански простор, но и многу пошироко во Унијата. Во него членуваат еминентни европски личности (пратеници од повеќе парламентарни состави на ЕП, истакнати политичари, интелектуалци, граѓански активности, стопанственици и други). Тоа е платформа чиј глас допира до европските институции. Улогата на европските движења е добро разбрана од националните државните институции бидејќи тоа е еден од патиштата за учество во европските работи. Во однос на прашањето за бугарското вето ја имавме целосно поддршката на Германското европско движење, но и на Меѓународното европско движење од кого добивме официјална изјава за поддршка.
Иако ентузијазмот меѓу граѓаните за членство во ЕУ се уште е голем, тој спласнува за разлика од претходните години, иако Европската Унија, преку финансирање проекти и друга помош сака да даде порака дека е присутна тука, но тоа, се чини не е доволно без почеток на преговори. Како Вие како Европско движење ќе се стремите повторно да го вратите истиот ентузијазам што постоеше?
Се согласувам со констатацијата дека ентузијазмот кај граѓаните се намалува, но тоа ја зголемува нашата мотивацијата да бидеме поупорни во она што го правиме. Овде мислам на Националната конвенција која ја стекна довербата на јавноста и постои сѐ поголем интерес за учество. Нѐ очекува предизвикот со адаптацијата кон новата преговарачка методологија со 6 кластери која ќе овозможи вклучување на уште поголем број на чинители кои ќе градат нови мостови кон граѓаните. Голем предизвик е вклучување на граѓаните од локалните средини и следи фазата „инклузија за интеграција“.
Неда Димова Прокиќ