Повеќе од две години градоначалникот на Скопје Петре Шилегов не отстапува од иницијативата, дистрибутивната мрежа за топлинска енергија да биде во сопственост на градот. Иако се уште мрежата е под Балкан Енерџи Груп, под Град Скопје функционира новооснованото Јавно претпријатие Градски енергетски системи. Шилегов вели има осум вработени кои добиваат плата, а работат на ширење на топловодната мрежа во Скопје.
„До сега имаме направено систем, односно проектирање за поврзување на мрежите со кои во моментов раководи БЕГ заедно со оној со кој раководи ЕЛЕМ. Ни остануваат уште 800 метри да дојде до спојување на таа линија и интензивно ја развиваме топловодната мрежа во северниот дел од градот, со Топлана Север која е недоволно искористена, да ја внесеме во системот и да има што поголем број на корисници“, рече Шилегов.
– Advertisement –
Но, најголемата компанија која ги затоплува скопјани БЕГ има склучено Договор за користење на дистрибутивната топловодна мрежа со државата и веќе деветта година управува со дистрибуцијата на топлинска енергија. Важноста на лиценцата велат дека им е до 2047 година
„Компанијата врши дистрибуција на топлина преку системот за дистрибуција, на подрачјето на Град Скопје, односно на делови од подрачјата на општините Аеродром, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар и делови од Гази Баба и Чаир. БЕГ ќе продолжи да ја врши дејноста дистрибуција на топлинска енергија до крајните потрошувачи на територија на градот Скопје. Оваа обврска произлегува од важечките лиценци, каде обврските и правата на носителот на истите се јасно пропишани“, наведуваат од БЕГ.
Пред две години Град Скопје од Регулаторната комисија за енергетика ја побара лиценцата за дистрибутивната мрежа да биде под негова надлежност. Сега Град Скопје и БЕГ се во исчекување на конечната одлика на Управниот суд, кој треба да пресече кој ќе раководи со подземната инфраструктира преку која до домовите доаѓа топлинска енергија.
Иле Петревски