Годинашното дигитално аплицирање во средните училишта значеше само повеќе мака и ангажман на родителите во споредба со претходните уписи. Иако министерката за образование, Весна Јаневска, го најави како дигитално, ниту училиштата, ниту пак останатите институции од каде што требаат документи за упис во средно, не се прилагодија на дигитализација. Училиштата не испратија дигитални свидетелства на учениците, ниту пак се дигитални доказите за освоени први места на државни натпревари кои се валидни за уписот во средно училиште. Дигиталното пријавување во средно училиште годинава значеше родителите да се снајдат и сите свидетелства и освоени први места на државни натпревари на децата да ги скенираат за да можат да ги закачат во дигиталната апликација.
Иако во прикачените свидетелства стојат оценките, родителите мораа сами да ја внесат оценката за секој предмет на детето од шесто до деветто одделение. На крајот, во годинашното дигитално аплицирање, се бараше од родителите покрај сите свидетелства и државни награди, физички да ги донесат во училиштата и дигиталните апликации, претходно отпечатени.
Министерката Јаневска и денес, како неколкупати претходно, кажа дека системот и годинава бил подготвен за целосна дигитализација на процесот, но проблем биле руралните средини кои немаат стабилен интернет, а некои, пак, немаат ниту компјутери. Најави дека интензивно ќе работат на опремување на училиштата со се што е потребно за поголем степен на дигитализација.
„Оваа година не го правиме тоа затоа што огромен број наши ученици не знаат како тоа да го направат. Огромен број на родители не знаат како тоа да го направат. Не е Скопје Македонија. Во Скопје и во неколку поголеми градови ние немаме проблем. Лесна е процедурата, но дигиталната писменост треба да се поткрене на повисоко ниво. Јас не очекувам од родителите да знаат, но учениците треба да знаат и наставниците треба да знаат за да им помогнат во тој процес. Обично сега им помага администраторот или евентуално училиштето ако има информатичар. Затоа се уште велиме дајте ги и во хартиена форма додека населението не се подготви. Имаме рурални средини и помали општини каде што немаат компјутерска лабораторија или училница, каде што интернетот не е стабилен, каде што и професорот ги нема технолошките средства па не може да ги научи како, но оваа година ние масовно снабдуваме со се што е потребно за да може овој процес на дигитализација да се подобри. Со исто темпо ќе продолжиме и следната и да очекувам дека над 90 проценти следната година ќе може да се заврши така“, рече денес министерката Јаневска.
За некои ученици, министерката вели дека и следната година ќе биде оставен простор да донесат хартиени документи, но генерално аплицирањето ќе биде дигитално и средните училишта дигитално ќе ги преземаат свидетелствата. На ист начин, дигитално, свидетелствата ќе ги преземаат и факултетите. За оние кои ќе одлучат да студираат во странство за кои министерката се надева дека ќе бидат се помалку, ќе има можност да им се отпечатат документите.
Министерката Јаневска најави дека вечерва до деветнаесет часот ќе биде извесно дали и во кои средни училишта ќе се полага квалификационен испит во вториот уписен рок, кој е во тек. Таа потврди дека во гимназијата „Орце Николов“ се останати шест места, а се пријавиле неколкумина повеќе ученици поради што најверојатно ќе се полага квалификационен испит.
Текстот Уписот во средно в година ќе биде подигитален од годинешниот: родителите нема да трчаат да ги скенираат свидетелствата, тие дигитално ќе се преземаат е превземен од МАКФАКС.