Економските експерти се загрижени по вчерашниот извештај на Светска банка дека Македонија годинава ќе има најнизок раст во регионот, од само 1,8 отсто. Во изјава за ТВ24 универзитетскиот професор Абил Бауш не е изненаден од ваквите прогнози и вели дека и неговите модели го покажувале истото.

Посебно загрижува податокот што земјава има за половина понизок раст од просекот на раст на земјите од Западен Балкан, кој е проектиран на 3,7 проценти. Според Бауш, наместо да се жали на своите претходници, Владата мора да почне да работи.

Недостигаат структурни реформи во борбата против корупцијата, јавниот долг, реформи во даночниот систем, Владата нема визија за економски раст и развој на малите и средните претпријатија, а капитални инвестиции се измешани со емоции на политиката, како што е случајот со коридор 8, вели Бауш, кој додава дека зголемување на платите во јавниот сектор се прави без никакви параметри за економски раст и развој.

Од Владата не се премногу загрижени за негативниот извештај на Светска банка. Убедуваат дека бројките за последните два квартали од годинава ќе бидат многу подобри, оти во тој период се забрзала динамиката на капиталните инвестиции.

„Порастот на БДП, согласно сегашните параметри, се очекува да биде меѓу прогнозите на ММФ и Светска банка или еден од подобрите во регионот или Европа, но да го почекаме декември кога излегуваат бројките за третиот квартал. Сепак, се очекува во третиот и четвртиот квартал растот да биде над три отсто со оглед на забрзаната динамика на капиталните инестиции.“