Генералното собрание на Унијата на средношколци на денешниот состанок што ќе се одржи попладнево ќе одлучи дали ќе бојкотираат или протестираат во текот на наредните денови. Претседателот на Унијата, Бленди Ходаи изјави дека во понеделник нема да се вклучат во наставата.
Тој ова го изјави по средбата со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, каде побара поддршка од сите партии, бидејќи како што вели тој, разбирање и прифаќање на нивните барања од страна на Министерството за образование нема.
-Oчекуваме и бараме поддршка од сите пратеници и сите политички партии за нашите барања во врска со државната матура, затоа што овие барања не смеат да бидат политизирани, и Бленди Ходаи.
На средбата со групата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, се дискутирало за барањето на Унијата за државната матура, поточно за намалување на бројот на предметите од четири до два.
Ходаи потсети дека во четврток доставиле писмо за поддршка до сите пратеници во Собранието и како што рече, и наредниве денови ќе бараат поддршка за нивните барања да бидат дискутирани во јавна дебата во Собранието.