Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) соопшти дека повеќе од 120 илјади украински бегалци ја напуштиле земјата откако Русија ја започна воената интервенција.
Во мигови кога руските трупи се во отворен воен судир со украинските сили во главниот град Киев, заменик-високиот комесар на ОН за бегалци, Кели Клементс, во изјавата за Ци-Ен-ЕН, вели дека се очекува влошување на ситуацијата.
„Над 120 илјади луѓе веќе заминаа преку границата со соедните држави на Украина. Тие се добро примени од локалните власти, од локалните заедници. Но ситуацијата се менува од миг во миг, навистина сме загрижени за она што следува“, вели таа.
Најголем број бегалци од Украина има во Полска и Молдавија, но има и такви кои бараат засолниште во Романија, Словачка и Унгарија.