Унгарските безбедносни служби идентификуваа уште двајца украински шпиони, соопшти денес унгарската влада.
„Еден од двајцата идентификувани изградил врски со опозициски личности и организирал состаноци со политички и воени личности со цел да влијае на ставот на Унгарија во врска со украинскиот конфликт“, изјави владиниот портпарол Золтан Ковач, објави Ројтерс.
Друго лице, идентификувано како украински шпион, собирало разузнавачки информации поврзани со воениот и енергетскиот сектор во Унгарија, а против него е покрената кривична истрага за шпионажа.
Претходно овој месец, Унгарија протера двајца шпиони кои работеа под дипломатско покритие во украинската амбасада во Будимпешта, откако Украинската безбедносна служба (SBU) објави дека открила шпионска мрежа на унгарската воена разузнавачка служба во украинскиот регион Закарпатија, чија задача наводно била да собира податоци за воената безбедност на регионот, истражувајќи ги слабостите во копнената и воздушната одбрана, како и социо-политичките ставови на локалното население.