Унгарија покрена постапка пред Европскиот суд на правдата против одлуката на Европската Унија за забрана на увоз на природен гас од Русија, објави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

Сијарто тоа го соопшти на платформата „Икс“, откако во правната база на податоци на ЕУ беше објавена регулативата за постепено напуштање на рускиот гас. Намера да ја тужи ЕУ пред судот со седиште во Луксембург најави и Словачка.

Унгарскиот министер тврди дека Унгарија и Словачка не смееле да бидат прегласани при донесувањето на одлуката кон крајот на јануари. Според него, станува збор за одлука која има карактеристики на санкции и како таква требало да биде донесена едногласно, пренесе „ДПА“. Останатите 27 земји-членки на ЕУ мерката за забрана на увоз на руски гас ја третираат како прашање од трговската политика, за што е доволно квалификувано мнозинство, наведува агенцијата.

Сијарто во својата објава истакна дека европските договори јасно укажуваат дека секоја земја-членка самостојно одлучува за своите извори на енергија и добавувачи.

Тој се повика и на принципот на енергетска солидарност, кој, според неговите зборови, подразбира сигурност во снабдувањето со енергија за сите земји-членки. Тврди дека овој принцип се крши во случајот на Унгарија, која без увоз на руски гас, како што наведува, располага само со поскапи и понесигурни алтернативи.

Сијарто слични критики упати и кон Хрватска минатата година, обвинувајќи ја дека неприродно ги зголемила цените за транзит на нафта и дека нејзиниот нафтовод е недоверлив. Хрватската влада и компанијата ЈАНАФ тогаш ги отфрлија тие обвинувања, а унгарскиот министер Хрватска ја нарече и „воен профитер“, потсетува „Индекс.хр“.

Европската Унија донесе одлука според која увозот на руски гас мора да запре до крајот на 2027 година.

Унгарија е силно зависна од овој енергент и, од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина, не презела конкретни чекори за намалување на зависноста од Русија, наведува „ДПА“, додавајќи дека унгарскиот премиер Виктор Орбан се смета за еден од најблиските сојузници на Кремљ во рамките на ЕУ.

Текстот Унгарија ја тужи ЕУ поради забраната за увоз на руски гас е превземен од МАКФАКС.