УНЕСКО бара Охрид да биде ставен на листа на културни наследства во опасност. Во прелиминарен извештај се нотира дека сите надлежни инситуции потфрлиле да ги спроведат нивните препораки.
„Властите, како на национално така и на локално ниво, не ги имаат исполнето обврските од 2017 година за намалување, односно отстранување на идентификуваните закани по заштитеното подрачје. Напротив, има примери за продолжување на практиките на постапување спротивно предупредувањата. Негрижата кон природното и културното богатство резултира со постепена ерозија на атрибутите поради кои го уживаше добиениот статус“, се вели во извештајот на УНЕСКО.
Градоначалникот на Охрид, Костадин Георгиевски признава дека градот има проблеми со менаџирање со отпадот, со уредување на плажите и со нелегалната градба.
„Во сите извештаи на УНЕСКО од 2016 наваму стои дека регионот ги исполнува условите да биде ставен во опасност. Ќе мора позасилено да ги имплементираме препораките“ вели Георгиевски за ТВ24.
Тој смета дека проблемите во Охрид не можат да се решат брзо, туку треба план, време и посветеност.
„Треба и поддршка од институциите во државата, Владата несебично го поддржува Охрид. Треба да има функционирање на правна држава, целокупна функционалност“, истакнува Георгиевски.