Речиси три четвртини од жените новинари во светот велат дека биле жртви на насилство преку Интернет и 20 отсто страдале од продолжување на овие напади во реалниот живот, покажува глобалното истражување спроведено од Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО), јави дописникот на МИА.
Насилството преку Интернет врз жени новинари варира меѓу „големи напади или екстремни закани во еден момент“ и „постојани напади од пониско ниво“ на социјалните мрежи, открива УНЕСКО во студијата објавена денеска.
Во глобалното истражување во кое беа вклучени 901 новинар од 125 земји, поддржано од 173 продлабочени интервјуа, 15 студии на случај на земја и анализа на над 2,5 милиони објави на Фејсбук и Твитер, насочени кон две истражувачки новинарки, британката Карол Кадваладе и амеро-филипинката Мариа Реса, лауреатка на Светската награда за слобода на печатот на УНЕСКО.
– Мизогинијата се додава на другите форми на дискриминација: жените новинари кои се црнки, лезбејки или од одредена религија, на пример, страдаат од многу поголема дискриминација, изјави Саорла Мекејб, задолжена за развој на комуникацијата, информации и медиуми во УНЕСКО.
Кога 64 отсто од белите новинарки велат дека доживеале насилство преку Интернет, оваа стапка се зголемува на 81 отсто кај црните новинарки. Иста опсервација во однос на сексуалната ориентација: нападите преку Интернет погодија 72 отсто од хетеросексуалните новинарки наспроти 88 отсто на лезбејските новинари.
Нападите кои ги претрпеле жени новинарки се „или сексистички или сексуализирани“, тие „многу често се фокусирани на лични карактеристики како што се нивното тело, нивното етничко или културно потекло отколку на содржината на нивната работа“, прецизира Саорла Мекејб. Ова кибер насилство се рефлектира и во физичкиот свет: 20 отсто од испрашаните новинарки тврдат дека претрпеле напади и вознемирување поврзани со кибер напади. Оваа стапка се зголемува на 53 отсто кај арапските жени новинари, според УНЕСКО.
Нападите исто така имаат влијание врз менталното здравје за 26 отсто од испитаните новинарки (некои страдаат од посттрауматски стрес) и ризикот од самоцензура на социјалните мрежи (30 отсто од анетираните новинарки). Оттука произлегува и прашањето за одговорноста на социјалните мрежи, идентификувани во студијата како „главните вектори“ на ова кибер насилство, а Фејсбук и Твитер се најкористените од новинарите.