Улично куче нападнало осумгодишно дете на плоштадот во Битола. Детето со повреди на челото било хоспитализирано, а по медицинската помош е пуштено дома.

За настанот реагираа и од Општина Битола.

„Општина Битола, изразува длабоко жалење за немилиот настан, кој се случил вчера во угостителски објект на Плоштадот Магнолија, при што осумгодишно дете се здобило со повреда на челото, како резултат на напад од улично куче. Благодарение на навремената интервенција, детето е соодветно згрижено во Одделението за максилофацијална хирургија при Клиничката болница во Битола, каде што му е пружена неопходната медицинска помош. Повредата е санирана, а детето е пуштено на домашно лекување со препишана терапија и лекарски препораки“, велат од таму.

Во денешниот контакт со родителите, градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, беше информиран дека детето се чувствува добро, но сеуште чувствува страв, после вчерашната случка, иако станува збор за дете кое ги сака кучињата и честопати знае да игра со нив.

Коњановски посакувајќи му брзо закрепнување на детето, во разговорот со родителите нагласи дека, општината интензивно работи на решавање на проблемот со бездомните кучиња.

„Овој инцидент уште еднаш ја потенцира потребата од систематско и долгорочно решение на проблемот со бездомните кучиња.
Прифатилиштето „Хачико“, кое започна со работа во октомври 2024 година, претставува важен чекор во воспоставувањето организиран пристап за справување со оваа проблематика. Работата на прифатилиштето мора да биде поддржана, а не дискредитирана, како што за жал беше случај изминатата недела, од одредени субјекти“, велат од Општина Битола.

Текстот Улично куче нападна дете во Битола, било пренесено во болница е превземен од МАКФАКС.