Улицата „Џон Кенеди“ ќе се пробива низ ромската населба во Чаир за да се спои со булеварот „Никола Карев“ или познатата „Пластичарска улица“. Град Скопје почнува со постапка за изработка на проект за оваа нова улица, кој ќе биде основа за нејзина изградба, за што беше склучен договор за меѓуопштинска соработка со општините Чаир и Карпош.
Се предвидува улицата Џон Кенеди да продолжува од крстосницата со улицата Македонско-косовска бригада до булеварот Никола Карев кај Американската амбасада. На трасата сега се наоѓаат куќи од ромското маало, а за нејзина изведба триесетина ќе бидат урнати, а сопствениците ќе бидат обесштетени. Улицата ќе биде со четири коловозни ленти, по две во двата правци и како што вели градоначалникот Петре Шилегов ќе се овозможи брз проток на сообраќајот во овој дел.
„Пробивањето на оваа улица е дел од визијата и коридорите кои ги градиме во северниот дел од градот, со цел да овозможиме побрз проток на сообраќајот и пократко време за патување. Овој дел од Скопје со години бил запоставуван. Во моментов го прошируваме булеварот Никола Карев, работиме на улицата Македонско-косовска бригада и очекувам годинава да завршиме со проектирање на новата улица и догодина да стартуваат градежните работи. Со тоа ќе заокружиме една целина во овој дел кој години наназад е тесно грло“, вели градоначалникот Петре Шилегов.