Најмалку 40 украински војници и десетина цивили се убиени во првите часови од руската инвазија на Украина, изјави за новинарите советник на украинскиот претседател, пренесоа агенциите.
„Знам дека повеќе од 40 украински војници беа убиени, а неколку десетици беа повредени и дека десетина цивили се убиени низ целата земја“, рече Олексеј Арестович.
Тие загуби се случија во воздушни и ракетни напади во текот на утрото, рече тој, пренесува АФП.
Момче е убиено во регионот Харков кога гранати погодиле станбена зграда, соопшти службата за итни случаи.
Руската војска објави дека проруските сепаратисти во источна Украина и помагаат да постигне успех на терен.
Генералот Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана, на телевизија изјави дека бунтовниците напреднале три километри во областа Доњецк и еден и пол километар во областа Луганск.