Украинската армија напредува во својата контраофанзива на истокот на земјата, ослободувајќи делови од окупираните територии. Војниците во голем дел од населените места во областа Харков се пречекани како ослободители, а жителите раскажуваат за месеците поминати под руска окупација.
„Тука сме четири месеци. Најпрвин, живеевме во станот, се додека не беше бомбардирана зградата. Потоа се преселивме овде по подрумите“, рече Олег Луцај – жител на Граково.
Она на што наидуваат украинските власти во ослободените села и градови се нови сведоштва за цивилни жртви и можни воени злосторства сторени од руската војска.
„Лицата имаат прострелни рани во задниот дел од главата. Жителите ги закопале своите сограѓани, го обележале ова место, за кога полицијата ќе се врати, по деокупацијата, да не известат за случката“, додаде Сергеј Болвинов – шеф на истражители за регионот Харков.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека контраофанзивата на истокот продолжува со засилено темпо.
„Во овие моменти, вооружените сили на Украина ослободија и презедоа контрола над повеќе од 30 населени места во областа Харков. Во дел од селата од регионот, мерките за проверка и обезбедување на територијата се во тек, додека постепено ја преземаме контролата врз други населени места – секаде го враќаме украинското знаме и го штитиме целиот наш народ“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана објави видеа со конвои борбени возила, но и хеликоптери кои се упатуваат кон Харков, со цел да ја вратат под своја контрола оваа област.
Од друга страна, Вашингтон најави нова воена помош за украинските сили, бидејќи, како што велат, се гледа моќноста на американското оружје на терен.
„Нашата цел е да ги поддржиме Украинците да ја одбранат својата територија и да ги поставиме во најсилна можна позиција за да го зачуваат и да го вратат, во некои делови, нивниот суверенитет. И тогаш, знаете, ќе треба да се бира дали да се седне на преговарачка маса, каде би биле во најсилна можна позиција“, нагласи Саша Бекер – заменик секретар за одбранбена политика на САД.
Претходно, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кажа дека руската агресија во Украина влегува во критична фаза. Според него украинските сили успеале да ја запрат офанзивата на Москва, да ја вратат својата територија и затоа апелира западната солидарност да не попушти сега./Alsat.mk
Лука Андреев