Пишува: Ивон Величковски
Редовните ЕУ-скептици и новите „ЕУ-моралисти поради ускратени грантови“ побрзаа да нотираат уште една „неправда“ кон нас, по најавата на Калас за план „Б“ доколку ЕУ-пристапувањето на Украина биде запрено со вето на Будимпешта.
Она што тие и медуимите на македонски го премолчаа е една паралелна вест: минатата недела за прв пат Безбедносната служба на Украина откри шпионска мрежа на Унгарското воено разузнавање, чии агенти биле насочени кон собирање податоци за проценка на одбранбената инфраструктура во Закарпатите. Оваа област Унгарија ја смета за своја иако по Првата светска војна и припаѓа на Украина и Унгарија на регентот Хорти во Втората светска војна влегува во Тројниот пакт токму со ваквите аспирации.
Според веста, унгарските воени разузнавачи меѓу другото вршеле проценка на јавниот сентимент во однос на можно унгарско воено присуство во оваа област, односно хипотетичко унгарско мировно распоредување.
Затоа, да ги расчистиме заблудите што ги шират медиа-нво одработувачите на коалицијата „ВМРО-ДПМНЕ/СДСМ/југо-олигархија“ за да го условат европското интегрирање на Северна Македонија со сопствено вградување и контролирање и во идната економија на земјата.
Сличност е што и Украина и РСМ не се полноправни членки на ЕУ и што обете земји ќе мора да ги исполнуваат критериумите за членство низ преговарачкиот процес согласно новата методологија.
Но разликите се многубројни:
1. И последната обврска за РСМ од Преговарачката рамка (дополнување на уставната Преамбула) – е прифатена од Собранието и произлезена од потпишан меѓународен договор.
Украина е нападната од Русија поради неприфаќањето да припаѓа во „рускиот свет“, туку во европскиот.
2. Пречките за Северна Македонија доаѓаа од билатералните спорови, но ниту Бугарија ниту Грција не го оспорија територијалниот интегритет на РСМ. Напротив: и Грција и Бугарија, исто како и Турција и Албанија – денешните НАТО-партнери на нашата земја – ја одбија понудата на Србија (Милошевиќ) за прекројување граници.
Украина е под директна руска агресија, а нејзини ЕУ-соседи, (Унгарија и Словачка), застапуваат политика на примирување (appeasement) за времетраењето на територијалната агресија врз Кијив.
3. Северна Македонија е членка на НАТО, Украина не е.
4. Со целата траума и жртви, конфликтот 2001 беше временски ограничен и не произведе промена на територијата ниту на унитарниот карактер на РСМ.
Украина е трета година во војна со која Москва сака да и одземе 20% од територијата.
5. Во поддршка на ЕУ-интегративниот правец на земјата се сите меѓународни договори со кои се зацврсти унитарноста и регионалната и меѓународната позиција на Северна Македонија – Рамковниот, „Софискиот“ и Преспанскиот, со поддршка од САД и ЕУ.
Украина потпишува договори за критичните минерали со САД и ЕУ, но во моментот главно е прашањето на примирјето.
6. Заканата по РСМ и Украина од Русија е различна: врз Украина е директна, врз Северна Македонија индиректна, со притисок на руската пропаганда и пан-српската, како нејзино прокси на Балканот (изложена на нив заедно со БиХ и Црна Гора), вклучително преку РПЦ и СПЦ како нејзин балкански канал.
Оттука, споредувањето на предизвиците пред кои се изложени нациите на Северна Македонија и Украина во однос на европските интеграции е безобразно и деструктивно, до степен на искористивост на про-руската пропаганда.
И затоа е предвидливо.