Украинското Министерство за надворешни работи е разочарано од предлогот на шефот на австриската дипломатија Александар Шаленберг да се најде посебен начин Киев да соработува со ЕУ наместо полноправно членство. Ова денеска го соопшти портпаролот на одделот Олег Николенко.
„Ние сме разочарани од изјавите на сојузниот министер за надворешни работи на Австрија за европската иднина на Украина. Ги сметаме за стратешки кусогледи и не се во интерес на обединета Европа“, напиша Николенко во коментарот објавен на веб страната на Министерството. Украина ги има сите причини да бара признавање на нејзината „стратешка улога за ЕУ“, рече Николенко.
Претходно денеска, австриски медиуми јавија дека Шаленберг смета дека е неопходно да се најде посебен модел за соработка на Украина со ЕУ, наместо да се гарантира нејзиното полноправно членство во ЕУ. Тој истакна дека на позадината на желбата на Украина да биде дел од ЕУ, не треба да се заборават земјите од Западен Балкан, кои долго време чекаат да влезат во ЕУ, така што е неопходно да се изнајде „нов концепт на европската политика за соседство.