Во рускиот град Орел утринава одекнаа повеќе експлозии поради украински напад со далекуметни крстосувачки ракети „Фламинго“, што е нивна прва потврдена борбена употреба. Украинскиот Генералштаб соопшти дека биле изведени координирани удари врз неколку десетици руски воени и логистички цели на руска територија и на окупираните украински подрачја.

На објавените видеа се гледаат запалени фрагменти од ракети како паѓаат меѓу станбени згради и паркирани автомобили.

Украина потврди дека биле погодени цели на Крим, меѓу кои нафтен терминал, инфраструктура за беспилотни летала и радарски систем. Во окупираната Запоришка област биле таргетирани складишта нафта и командни пунктови на руските сили.

Генералштабот соопшти дека се користеле повеќе видови ново украинско далекуметно вооружување – „Фламинго“, „Барс“ и „Љутиј“.

Гувернерот на Орел прогласи воздушна тревога и повика граѓаните да останат во засолништа. Засега нема информации за жртви.

Ракетата „Фламинго“, претставена во август 2025 година, има домет над 3.000 километри и е опремена со боеви глави што можат да пробијат до 10 метри армиран бетон.

Текстот Украина првпат нападна со ракети „Фламинго“: експлозии во рускиот Орел е превземен од МАКФАКС.