Украинската контраофанзива напредува на истокот на земјата. Под контрола на Киев се вратени градовите Изјум, Балаклија и Купјанск, а борбената линија сè повеќе се повлекува кон Русија.

„Сè ќе биде Украина, нашето знаме овде веќе се вее“, рече еден украински војник.

Претседателот Володимир Зеленски рече дека се ослободени околу две илјади квадратни километри територија која била окупирана, а во исто време руската војска бега.

„Руската армија деновиве го покажува најдоброто што го може – го покажува грбот и се разбира, за нив е најдобра одлука да бегаат. Нема место за окупаторите во Украина и никогаш нема да има“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

По информациите дека руската војска се повлекува оставајќи зад себе мноштво муниција, воена опрема и борбени возила, вчера Москва информира дека станува збор за прераспоредување на силите. Според руското Министерство за одбрана нивните сили само привремено се распоредувале кон регионот на Донбас.

Според украинските воени власти пак, непријателот е во паника, бега и продолжува да трпи огромни загуби.

„Поради значителни загуби во пешадијата, руските окупатори планираат да спроведат и таканаречена мобилизација на машката популација во привремено окупираните територии. Во моментов на мажите им е забрането да ги напуштаат населените места“, додаде Олександар Штупун – портпарол на украинските воени сили.

Украинската контраофанзива, која започна деновиве, е првиот значителен исчекор во борбата против руските сили, после задржувањето на главниот град Киев под украинска контрола, кој беше мета на жестоки напади на стартот на војната во февруари. Михајло Подољак, советникот на Зеленски,  кажа дека украинската есен е далеку посилна од руската пролет и наскоро очекува Русите да ја загубат контролата и во Донбас./Alsat.mk

Лука Андреев