Украинските власти подигнаа обвинение против седум лица поврзани со корупциска афера вредна околу 100 милиони долари, во која се инволвирани високи функционери на државната енергетска компанија „Енергоатом“.
Националното биро за борба против корупција на Украина (НАБУ) соопшти дека привело пет лица, а идентификувало уште двајца осомничени за вмешаност во шема за злоупотреби при јавни набавки во државните претпријатија, особено во „Енергоатом“.
Како главен организатор на аферата се спомнува Тимур Миндич, поранешен бизнис-соработник на претседателот Володимир Зеленски. Миндич, кој работеше во продуцентската куќа „Квартал 95“, каде што Зеленски ја изгради својата кариера пред да влезе во политиката, не одговори на барањето за коментар.
Меѓу обвинетите се и поранешен советник на министерот за енергетика, шефот на безбедност на „Енергоатом“, како и неколку вработени во компанијата. Министерството за правда потврди дека против поранешниот министер за енергетика Герман Галушченко биле спроведени истражни дејства, но не е познато дали е поврзан со оваа истрага.
Истрагата се води во време кога Украина се подготвува за нова зимска сезона со можни прекини на струја поради руските напади, а „Енергоатом“ има клучна улога во снабдувањето со електрична енергија во земјата.
Текстот Украина обвини седум лица во корупциски скандал вреден 100 милиони долари е превземен од МАКФАКС.























