Украина оваа недела ќе испрати делегација во Вашингтон за да ги унапреди преговорите за стратешко партнерство со САД во областа на минералите, изјави министерката за економија, Јулија Свириденко.
„Овој дијалог ги претставува стратешките интереси на двете земји и нашата заедничка посветеност за градење силно, транспарентно партнерство“, рече Свириденко.
Во делегацијата ќе има претставници на украинските министерства за економија, надворешни работи, правда и финансии.
Свириденко додаде дека целта на преговорите е да се постигне договор меѓу страните за избор на проекти, законски рамки и механизми за долгорочни инвестиции во минерални суровини.
Договорот требаше да биде потпишан на крајот на февруари за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Белата куќа. Сепак, договорот беше одложен по жестоката расправија меѓу Зеленски и претседателот Доналд Трамп и потпретседателот Џеј-Ди Венс кога украинскиот лидер ги доведе во прашање напорите на САД за дипломатски крај на тригодишната војна во Украина.
Минатиот месец Зеленски рече дека Америка му испратила на Киев нова и сосема поинаква верзија на нацрт-договорот за минерални суровини, кој би им овозможил на САД пристап до природните ресурси на Украина во замена за натамошна воена поддршка.
Трамп одговори дека Зеленски очигледно сака да се повлече од договорот и предупреди дека украинскиот лидер ќе се соочи со големи проблеми доколку го стори тоа.