Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба објави дека неговиот кинески колега Ванг Ји ги споделил со него „клучните елементи од кинескиот мировен план“ за време на состанокот во Германија претходно оваа недела.

„Очекуваме дека тие ќе го споделат со нас целосниот текст на мировниот предлог, бидејќи тоа не е нешто за што можете да донесувате заклучоци по разговорите“, рече Кулеба.

Обраќајќи им се на новинарите синоќа во Њујорк на Генералното собрание на ОН, Кулеба посочи дека Украина е „отворена за дискусии на оваа тема“.

„Подготвени сме да разговараме со оние кои имаат идеи кои можат да ни помогнат да ја постигнеме таа цел“, нагласи тој.

Но, Кулеба истовремено предупреди дека ниту еден мировен план не треба да ги преминува „црвените линии“ поставени од Киев.

„Тие црвени линии се принципи на Повелбата на ОН и вклучуваат почитување на територијалниот интегритет на Украина“, рече тој, а потоа додаде: „Нема преговори за ниту една украинска територија. Претседателот Зеленски тоа јасно го кажа во неколку наврати“.

Прикажи повеќе