Западни официјални лица и аналитичари денеска соопштија дека се убедени дека Украина ги пробила руските линии на фронтот јужно од Харков, вториот по големина град во Украина, зазела илјадници квадратни километри територија и се закануваат дека ќе ги прекинат руските линии за снабдување.

Британското Министерство за одбрана утринава на онлајн брифинг соопшти дека верува оти Украинците напреднале дури 50 километри на линијата јужно од Харков, во североисточна Украина.

Се чини дека украинските сили напредувале во областа околу Изјум, кој долго време беше во центарот на руската линија на фронтот и каде се водеа тешка артилериска и други борби. Британците велат дека руските сили околу Изјум се сè поизолирани.

„Руските сили се чини дека се изненадени. Секторот беше држен со мал број луѓе и украински единици заземаа или опколија неколку градови“, објави британската војска.

Британските разузнавачи додадоа дека и блискиот град Купјанск се чини дека е под притисок на украинските сили и дека неговата загуба во голема мера ќе влијае на руската линија за снабдување во областа.

Видео кое кружи на социјалните мрежи покажува украински војници пред главната владина зграда во Купјанск, која е на околу 73 километри северно од Изум.

Украинската армија сè уште не потврдила дека влегла во градот, но извештаите за тоа се појавија по неколкудневното напредување на Украина јужно од Харков.

Институтот за проучување на војната, со седиште во Вашингтон, исто така денеска известува за голем напредок на Украина, проценувајќи дека тие поминале околу 2.500 километри во својот североисточен продор.

Институтот вели во извештајот дека неорганизираните руски сили се чини дека биле затекнати од брзото напредување на украинските сили. Тој се повикува на слики од социјалните мрежи каде што изгледа како руски затвореници да биле заробени во напредувањето околу Изјум и околните градови.

Во истиот извештај се вели дека украинските сили би можеле да ги соборат руските позиции околу Изјум доколку ги прекинат руските копнени комуникациски линии северно и јужно од градот.

Борбите на исток се одвиваат заедно со тековната офанзива околу Херсон во јужна Украина.

Аналитичарите оценуваат дека е можно Русите да ги повлекле војниците од исток за да ги зајакнат силите околу Херсон, што им отвори шанса на Украинците да удрат на ослабената линија на фронтот.

Украинската војска беше понејасна за својот напредок, велејќи во своето денешно редовно ажурирање дека освоила повеќе од 1.000 квадратни километри од проруските сили од почетокот на долгоочекуваната контраофанзива оваа недела.

Украинската војска соопшти дека во некои области нејзините сили навлегле во одбраната на непријателот до длабочина од 50 километри, што се совпаѓа со британските проценки, но не даде никакви географски детали.

Москва не ги потврди ниту ги коментираше тврдењата на Украина и нејзините западни сојузници.