Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје традиционално секоја година со низа свечености ги одбележува „24 Мај“ – Денот на светите Кирил и Методиј и патронен ден на Универзитетот и годишнината од своето основање. Сепак, оваа година свечености нема да има, а причина како што велат од Универзитетот е вирусот.
-За жал и оваа година, УКИМ го пречекува својот патронен ден без традиционалните чествувања. Дел од чествувањата, наградувањето на најдобрите студенти, промовирањето на почесни звања и титули, ќе се одржат, се надеваме во подобри времиња кои ќе се создадат по масовната имунизација на вработените на УКИМ и на населението во РСМ.
Од овие причини, повторно и годинава, со цел скромно, но достоинствено чествување на нашите патрони, Ве известуваме дека на 24 мај (понеделник), делегација на УКИМ која ќе ја предводи ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски, како и делегација на Универзитетското студентско собрание на УКИМ предводена од претседателот Ева Цветковска, ќе положат свежо цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј кој се наоѓа на платото на универзитетскиот кампус за општествени науки.
Исто така, свежо цвеќе ќе положат и високи делегации на државниот врв, дипломатскиот кор и на други општествено-политички организации во државава. Чинот на положување свежо цвеќе ќе се одржи на 24 мај (понеделник) со почеток во 9,00 часот.