Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска се приклучи кон светската заедница во одбележувањето на Светскиот ден на науката за мир и развој, кој годинава се одржува под покровителство на УНЕСКО со тема: „Доверба, трансформација и иднината: Науката што ни е потребна за 2050 година“.

На свеченоста, ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, ги додели годишните Награди на Универзитетот за врвни резултати во научноистражувачката и уметничката дејност за 2024 година. Добитници на признанијата за најдобри научници и уметник се:

проф. д-р Јасмина Петреска Станоева – Природно-математички факултет (најдобар научник за природно-математички науки);

проф. д-р Христијан Ѓорески – Факултет за електротехника и информациски технологии (најдобар научник за техничко-технолошки науки);

проф. д-р Драган Мијакоски – Медицински факултет (најдобар научник за медицински науки и здравство);

вон. проф. д-р Мартин Николовски – Факултет за ветеринарна медицина (најдобар научник за ветеринарни и земјоделски науки);

проф. д-р Огнен Спасовски – Филозофски факултет (најдобар научник за општествени науки);

проф. д-р Драган Даутовски – Факултет за музички уметности (најдобар научник за хуманистички науки).

Во своето обраќање, ректорката Ангелова ја истакна улогата на науката како двигател на општествениот напредок, нагласувајќи дека денес повеќе од кога било е потребна наука што гради доверба – меѓу истражувачите и општеството, универзитетите и индустријата, знаењето и етиката.

„Вие сте инспирација за сите нас, особено за идните генерации што ќе го водат нашето општество кон поинтелигентна и поодржлива иднина. Да продолжиме сите заедно да ја негуваме довербата во науката, да ја поттикнуваме трансформацијата преку знаење, и да ја градиме иднината што ја заслужуваме – иднина во која науката е јадро на мирот, развојот и човековата благосостојба,“ изјави ректорката Ангелова.

Со оваа манифестација, УКИМ уште еднаш ја потврди својата посветеност кон развој на науката, иновациите и хуманите вредности како темели на општествениот напредок.

Текстот УКИМ го одбележа Светскиот ден на науката за мир и развој: Доделени наградите за најдобри научници и уметник за 2024 година е превземен од МАКФАКС.