Хотелските и угостителски работници во земјава засега не се меѓу приоритетните за вакцинација против Ковид. И покрај официјалното барање кое од Хотелската асоцијација во вторникот го упатија до надлежните, според одговорот кој Алсат го доби од Министерството за здравство, се гледа дека тие не се на таа листа.
„Стратегијата подразбира приоритет при заштита на здравјето на целокупното население, а со ова и заштита на есенцијалните групи на граѓани. Доколку во иднина националниот план за имунизација на населението претрпи промени, јавноста ќе биде навремено информирана“, наведуваат од Министерството за здравство.
– Advertisement –
Хотелиерите велат дека ако нивните вработени не бидат меѓу приоритетните, а нив ги има меѓу 15.000 и 20.000, тогаш странците нема летово да ја гледаат Македонија како безбедна дестинација за патување.
„…Без вакцина ние би биле запоставени од другите соседни држави кои веќе имаат извршено дел од вакцинацијата…“, рече Стојан Брчески, Менаџер на хотел.
„Во ваква состојба нашите партнери не се сигурни како ќе оди продажбата и интересот за нашиот регион…“, вели Љупчо Цветаноски-менаџер на хотел.
„…Гостинот нема да ја чувствува таа безбедност кога ќе треба да допатува и кога ќе треба да се одлучи дали да патува во Македонија“, изјави Крсте Блажески-претседател на ХОТАМ.
Сезоната покрај Охридското езеро по традиција започнуваше на почетокот на мај со доаѓањето на првите организирани групи од Холандија и Белгија. Но, засега сите тие аранжмани се на стенд-бај и ќе се активираат или не во зависност од текот на пандемијата и вакцинацијата.
Мики Трајковски