Сопствениците на хотелски и угостителски објекти во нашиот главен туристички регион, односно Охрид и Струга, алармираат дека затворањето до 20 април ќе биде уште еден сериозен удар врз нивниот сектор. Тие велат дека веќе и онака повеќе од една година се на раб на преживување.
„Последното затворање од страна на владата, ние секако дека го очекувавме, но да бидеме реални ќе биде со големи загуби. Ќе влијае и последната блокада во Парламентот со која не се префрлени и февруарските и мартовски плати иако се ветени. Сега ќе треба поголема помош за угостителите, ако се знае дека ќе бидеме затворени во април“, вели Ерхан Папранику, угостител.
– Advertisement –
Од здружението на угостители во Охрид ваквата одлука на државата ја оценуваат како избрзана и бараат обештетување на загубите кои допрва ќе следуваат.
„…Ова ни дојде како дополнително оптоварување. Сега треба да разговараме за два проблема. Прво да ги протуркаме мерките од петтиот сет, а и дополнително решение за нас за ново настанатата состојба“, рече Михаил Мишев, Претседател на здружение на угостители на Охрид.
Вработените пак, стравуваат за своите работни места.
„Многу стравуваме, затоа што сигурно ќе има отпуштање од работа. Имам многу пријатели кои после карантинот кој беше лани, останаа без работа. Сегашната одлука дополнително ќе ја влоши ситуацијата“, изјави Фросина Петровска-врабтена во угостителски објект.
Угостителите се прашуваат како е можно државата цела зима да им дозволува да работат во затворен простор, а сега кога дојде пролет, времето се затопли и можат со мал здравствен ризик да работат на летните тераси, се носи одлука за целосно затворање на дејноста.
Мики Трајковски