Од 14 часот, па се до 17 часот, булеварот „Александар Македонски“ во Автокоманда на влезот на Скопје ќе биде блокиран. Протестите ги организираат угостителите, подржани и од музичари, фотографи, бидејќи како што велат, помошта што ја добиваат од владата не е доволна нивните бизниси да опстанат.

Бараат Владата да им дозволи да работат. Односно во пресрет на новата сезона на свадби и слични веселби, да биде изготвен посебен протокол според кој тие ќе можат да работат. Односно бараат да има организирање на свадби, каде бројот на гости ќе биде ограничен, масите ќе бидат на дистанца, а за почитувањето на протоколите тие самите да одговараат. Како што велат губитоците во изминатата година се стотици илјади евра, затворени ресторани и отпуштени работници.

Инаку, министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес конференција, по новинарско прашање за протестот на угостителите, истакна дека во четвртиот пакет мерки имало директни грантови за нив. Тој смета дека досегашната помош за нив била доволна, имајќи ги во предвид нивните предлози кои биле доставени во Владата.

Не се согласувам со ултиматумите, а секако ги охрабрувам на искажување на своето мислење преку протести, посочи Бектеш.

Угостителите најавуваат доколку не бидат поканети во Владата на разговор и не бидат прифатени нивните барања, тогаш ќе продолжат со протестите. Блокирање на влезот на Скопје е најавен за понеделник, но и вторник од 14 до 17 часот.