Пишува: Добре Митрев, претседател на Здружението за Македонско-бугарско пријателство-Скопје (МБП-Скопје)
Гледајќи го видеото и фотографиите со стариот противпожарен автомобил ФАП (Фабрика на аутомобили Прибој на Лим), произведен во 60-тите години на минатиот век, што стана интернет атракција, уште еднаш се убедив дека тие, сегашните и оние претходните „државници“навистина не знаат што е тоа срам. Ако воопшто знаеле, најверојатно го избришале тоа чувство од своите суштини од мигот во кој станале главни ликови во државата.
Општо познато е дека ние сме шампиони за фаќање сеир. Откако земјата ја зафатија незапомнети досега пожари, сеирот но и маката ни ја фаќаат и странците. Овде не зборувам за официјалните лица, министри, претседатели, премиери, тие гледаат, не зборуваат многу, а нивните советници анализираат. Муабетот ми е за оние странци, кои дојдоа да ги спасуваат нашите шуми, домови, имоти и животи. Тие немаат време да ни замерат за ФАП-от, а и да фаќаат сеир за неговата „година на раѓање“. Тие се борат со огнот, на места каде што нема партиски фотографи и сниматели и остануваат непознати за пошироката јавност. Непобараното внимание и слава им ја остават на ликови како Заев и Мицкоски, кои направија „огромни жртви“ додека нивните гласачи се борат со огнениот пекол. Едниот се врати од одмор, а другиот се качи на едно „тамче“ за да растовара пакети со шишиња вода. И двајцата ги сликаа. И тој вратениот и оној качениот.
Јас би сакал да им кажам едно големо благодарам на сите што дојдоа да ни помогнат од страна. Без исклучок, бидејќи ми се гади од натпреварот „кој прв дојде“ и „кој прв ни подаде рака“. Истиот тој натпревар го наметнаа ботовите на социјалните мрежи, а и некои демек професионални новинари, на кои само дипломите што им стојат закачени на ѕидовите , кажуваат дека се новинари… Ако се разбира, воопшто дипломирале на студиите по новинарство.
Ја користам приликава да истакнам дека медиумското парадирање со одредена помош, не ги прави останатите помалку вредни и важни за самите нас. Сите што сега се вклучени во оваа борба се херои и тоа нема како да биде избришано, па макар и да не остане запишано. Ќе помниме дека поради неодговорноста на нашите државни раководители, сме се радувале на српските хеликоптери, бугарските пожарникари, нивните австриски и словенски колеги, авионот од Романија…
Се навикнавме во државата да има пари за скапи ручеци, луксузни службени коли и скапи јадкасти плодови. Ни останува благодарноста кон оние странци кои успеале да си го подноват возниот парк на противпожарните служби, да купат хеликоптери и авиони за гаснење пожар и истите ги одржувале во техничка исправност, за разлика од нас.
Без да ги потценувам сите останати што дојдоа да се борат со нашиот пекол, би сакал да им ја искажам посебна благодарност на пожарникарите од Бугарија. За да остане запишано и да се знае, дека Софија ни помогна и покрај фактот што и таму има голем број пожари. Така, напаѓаната овде Бугарија покажа дека има капацитет да ни помогне и нам. Тоа е истата таа Бугарија, која веќе 30 години од осамостојувањето на Македонија, лицемерно и со иронија е нарекувана од нашите политички, научни и медиумски „елити“, „братска земја“. Тоа е истата таа Бугарија на кои некои и се ситат дека била најсиромашната земја во ЕУ. Замислете само колку сме сиромашни ние во духовна и материјална смисла кога не наоѓаме снага да наведнеме глави од срам, кога тие „поплуканите“ од нашите „елити“, доаѓаат да се борат заедно со нас, со луѓе и техника далеку посовремена од нашиот ФАП, последниот материјален реликт на македонската југоносталгија.
Им благодарам на нашите браќа, им благодарам за херојството! Горд сум што припаѓам на народот опеан од генијалните Иван Вазов и Христо Ботев. Вашето херојство можеби нема да го добие достојното внимание на медумите овде, но засекогаш ќе остане во сеќавањата на луѓето чии куќи и животи сте спасиле од огнената стихија.
Извор: Трибуна