Поради зголемувањето на бројот на учесници на следното Светско првенство во 2026 година, кога на Мундијалите во САД, Канада и Мексико ќе учествуваат рекордни 48 репрезентации, се подготвува голема промена во актуелниот модел на квалификации во пресрет на новата рунда за СП 2026.
Според мадридскиот „Ас“, квалификациите дополнително ќе бидат „скратени“ бидејќи Европа наместо досегашните 13 ќе има 16 претставници, што значи дека не е потребно да се играат осум до десет натпревари во квалификациите. Планот на УЕФА предвидува во иднина да има 12 групи во квалификациите за Светското првенство и со тоа секоја од нив би имала по четири или пет селекции, кои би одиграле шест или осум натпревари во целиот квалификациски циклус.
Под претпоставка дека директен пласман на СП ќе обезбедат само победниците од групите, останатите четири места би се „пополнувале“ низ плеј-оф. Некои предвидувања велат дека тука Лигата на нациите повторно би можела да влезе во игра, но засега нема конкретен план./sportmedia.mk/