Училиште именувано „Македонија“ кое ќе има 24 училници именувано по македонските градови, ќе започне со настава на 11 септември оваа година во Малатија, Турција.
Стопанска Комора на Македонија-Турција (МАТТО) информира дека училиштето кое го носи името „Македонија“, е на површина 8 656 метри квадратни и има 24 училници именувани по градовите Скопје, Тетово, Охрид, Штип, Куманово…
Училиштето го симболизира духот на пријателството и соработката меѓу народите на Република Северна Македонија и Република Турција.
Овој проект, нагласуваат од МАТТО, освен што ќе биде еден дополнителен мост за поврзување на народите од двете држави, ќе биде уште една гордост на сите граѓани на Република Турција кои потекнуваат или имаат корени од нашата држава.
Училиштето е изградено со донацијата од еден милион евра, во која учествуваа членките на МАТТО, а со поголема сума учествуваше Црвениот Крст на Република Северна Македонија. Станува збор за донација со која се изгради едно од стотината срушени училишта во реонот Малатија.
Протоколот за соработка за изградба на училиштето беше потпишан во јули годинава од страна на МАТТО и подрачната единица на министрите за образование на Република Турција, и Валијата на Малатија. Овој проект се реализираше со поддршка на Црвениот Крст на Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија како и со поддршка на Сојузот на турски невладини организации во земјава (МАТУСИТЕБ), здружението ЕСНАФ, општини, образовни институции, здруженија и фондации и хумани граѓани на Република Северна Македонија.
Со изградбата на училиштето се прави чекор кој чекор кој ќе стави уште еден печат во насоката на продолжување на пријателството и солидарноста меѓу двете држави.
– Ова е чекор кој придонесува за развојот на образованието на децата кои останаа без своите училишта. Ова е чекор со кој на новите генерации ќе им се даде уште еден светол пример за хуманоста, заедништвото и пријателството меѓу двата народи, истакнуваат од МАТТО.
Училиштето „Македонија“ во Малатија е круна на сите активности на МАТТО, Црвениот Крст, МАТУСИТЕБ, организации, поединци од Република Северна Македонија, кои беа преземени со цел да се помогне на турскиот народ по разорниот земјотрес што се случи на шести февруари годинава во Турција. Турција ја погодија два земјотреси со епицентар во Кахраманмараш, јужна Турција, и со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала, а предизвикаа поместување на копнената маса во Турција за три метри. По августовскиот земјотрес во 1999 година, во регионот на Мраморното Море, земјотресите од шести февруари се најмоќните и најразорните во последните 100 години.