Штрајкот во училиштата и градинките е почнат, од тоа што досега ми е пратено како порака од најголемиот дел колеги, така е како што планиравме. Во најголем дел или огромен дел се штрајкува без сериозни проблеми, изјави за МИА Јаким Неделков, претседател на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) кој денеска го почна генералниот штрајк во дејностите образование и детска заштита.

Подоцна денеска СОНК ќе има прес-конференција на која ќе информира за оценка за штрајкот и евентуално за проблеми. А утрово тој вака им се обрати на своите колеги.

„Добро утро, добар ден почитувани колешки и колеги. Денес е денот,,Д”, ден кога ја започнуваме синдикалната борба за остварување на својте социјални права, за себе, за семејството, за дејноста, за учениците и родителите, за општеството….. Да бидеме храбри како што сме, сплотени и единствени и да стасаме што побрзо до посакуваната цел.,, Со ука, наука и култура заедно сме во секоја бура”. Среќно!“ вака утрово на почетокот на штрајкот на СОНК се огласи претседателот на синдикатот Јаким Неделков.