Основните училишта „Лирија“ и „Гоце Делчев“ од Тетово вчера и денеска реализираат заеднички активности од мултикултурен карактер со цел зближување на учениците од различен наставен јазик. Активностите се реализираат и со цел да се одбележи Детската недела.

– Денес ние од ОУ „Лирија“ заедно со партнер-училиштето „Гоце Делчев“ реализираме спортски активности во кои се вклучени учениците од второ и трето одделение од двете училишта. Целта на оваа активност е да се овозможи соработка, запознавање и дружење на учениците од различна национална припадност и да покажеме дека дружењето нема граници. Се одржуваат спортски игри, мал фудбал, детски аеробик и елементарни игри полигони за деца. Се надеваме дека во иднина ќе имаме активности меѓу двете партнер училишта, информираше Виолета Трајковска, заменик-директор во ОУ „Лирија“.

Во текот на вчерашниот ден во Основното училиште „Гоце Делчев“ беше реализирана ликовна мултикултурна работилница во која учествуваа учениците од четврто и петто одделение од двете училиштата.

– На работилницата насловена „Детски желби“ учениците изработуваа групни цртежи и ги пишуваа своите желби. Сите изработки од работилницата идната седмица ќе бидат истакнати на изложба во Музејот на тетовскиот крај, информираше Соња Трифуновска, координаторот на МИО активностите (Меѓуетничка Интеграција во Образованието) за училиштето „Гоце Делчев“.

На двете активности и работилници беа присутни и претставници од Бирото за развој на образованието, Одделението за образование при Општинскиот сектор за јавни дејности и наставници од двете училишта.