Георги Пашалиев, ученик од Софиската математичка гимназија „Паисиј Хилендарски“ постигнува историски успеси за Бугарија во областа на вештачката интелигенција. Младиот талент, со корени од Гоце Делчев, го запиша своето име меѓу авторите на NeurIPS – најреномираната научна конференција за вештачка интелигенција во светот и во топ 10 меѓу сите области на науката, јавува Трибуна.

Минатото лето Георги Пашалиев, кој годинава ќе биде во последната година од своето средно образование, беше практикант во еден од најдобрите универзитети во светот – ЕТХ во Цирих. Таму работел под надзор на д-р Никола Константинов, кој годинава е истражувач во INSAIT, проф. Мартин Вечев и Флоријан Дорнер, докторант на Институтот Макс-Планк. Темата на праксата е развој на нови алгоритми за споделување податоци со цел да се создаде посигурна вештачка интелигенција. Благодарение на стратешкото партнерство меѓу швајцарскиот универзитет и бугарскиот институт INSAIT, ова лето Георги продолжува со својата работа во Софија.

Пред неколку дена дојде првата голема вест поврзана со младиот научник. По напорната работа, која започна во летото 2022 година, ученикот го запиша своето име меѓу авторите на NeurIPS – најреномираната научна конференција за вештачка интелигенција во светот и во првите 10 меѓу сите области на науката. За авторитетот на форумот говори и податокот дека моделот на кој е изграден ChatGPT е објавен овде во 2017 година, 5 години пред самата апликација да го освои светот.

Така, за прв пат во историјата, бугарски ученик учествуваше со публикација на форум од таков ранг од оваа област.

INSAIT развива сопствена програма која им дава можност на најдобрите бугарски ученици да учествуваат во научни истражувања од светска класа во Софија. Програмата се викa STARS, скратено од Science, Technology and Al Research Internship for High-School Students. Програмата е единствена затоа што 8-10 недели учениците не само што работат рамо до рамо со реномирани научници на некои од најактуелните теми во вештачката интелигенција, туку и активно учествуваат во сите дискусии во институтот. Програмата започна летово во Софија и заедно со Георги работат уште 3 млади луѓе, од кои секој покажува огромен потенцијал за развој. Во 2024 година научната организација планира да отвори 10 нови места за аплицирање.

Институтот INSAIT при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ има стратешка цел да ја претвори Бугарија во водечки центар за истражување и иновации во областа на информатиката и вештачката интелигенција. Пред само еден месец, институтот стана дел од ELLIS – водечката европска иницијатива за вештачка интелигенција. Со ова Бугарија стана првата земја во Источна Европа која се приклучи на мрежата, каде што членуваат универзитетите и инстититути Оксфорд, Кембриџ, Макс-Планк и други.