Рачни изработки од рециклиран материјал на тема природа, флора и фауна, изработени од децата со потешкотии во развојот беа изложени денеска на плоштадот „Слобода“ во Штип.

Снежана Санева, раководител на Сектор за образование во Општина Штип, вели дека на распишаниот јавен конкурс од страна на општината пристигнале речиси 50 изработки од децата од основните и средни училишта, како и државното училиште „Искра“.

 

– Конкурсот траеше од 1 до 13 март и имавме доста изработки кои беа пријавени, но моравме да избереме три награди, Од основните училишта ни пристигнаа 20 изработки, од средните седум и од „Искра“ 22 изработки, вели Санева.

Настанот беше збогатен со музички точки и рецитал, изведени пред многубројните посетители на плоштадот, а се доделија и награди, училишeн материјал што децата понатаму може да го користат.

Дефектологот Борче Петровски вели дека преку вакви настани се будат чувства, а се подигаат и правата на овие деца.

– Прекрасен пролетен настан на кој учениците со потешкотии на дадена тема твореа и ги искажуваа своите чувства и емоции. Со ваков настан се будат правата на овие деца, рече Петровски.

Настанот се одржа по повод денот на пролетта, а децата твореа под мотото „Пролетта моја вечна инспирација“.

Во штипските училишта денеска беа реализирани и еколошки акции.